Австрискиот политичар Јоханес Хан, кој досега ја извршуваше функцијата еврокомесар за регионални прашања, идните пет години ќе биде комесар за проширување.
Предмалку, Европската комисија го објави составот на новиот Колеџ на комесари што ќе го предводи Жан-Клод Јункер, каде Австриецот Хан е именуван за наследник на Штефан Филе и во наредните пет години ќе биде “еврокомесар за соседска политика и преговори за проширување”.
Во секој момент, Јункер во Брисел треба да ја започне прес-конференцијата на која ќе го претстави ликот на новата Еврокомисија и ќе ги соопшти нивните приоритети. Сепак, она што е најважно за Република Македонија како земја-кандидат за членство во Европската унија е тоа што комесарското место за проширување ќе постои и во наредните пет години и покрај најавите за негово укинување.
Словенката Аленка Братушек ќе биде комесарка за Енергетска унија, Хрватот Невен Мимица за Меѓународна соработка и развој, додека Гркот Аврамопулос ќе ја извршува комесарската функција за Миграција и домашни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.