Јадењето за учениците во основите училишта во скопската општина Кисела Вода ќе го подготви нутриционист. Овој нов проект низ училиштата во општината има за цел подобрување на исхраната на учениците во училиштата.
– Кисела Вода ќе биде првата општина во која од оваа година, на учениците ќе им се овозможи здрава храна во училиштата. По завршувањето на тендерската постапка за избор на сите фирми за подготовка на храната во училиштата, општина Кисела Вода даде иницијатива во изготвувањето на храната да биде вклучен и консултиран нутриционист, како на учениците би им се понудило квалитетно мени. Ова е проект уште минатата година го најавивме и кој веќе имаше своја мала увертира. Општината организираше дводневна обука која имаше и практичен и теоретски дел, во која беа вклучени и Агенцијата за храна и ветеринарство и Тања Турунџиева, како еден од врвните нутриционисти во земјава, која најдобро ја познава областа на здравата храна и исхрана. На обуката беа поканети сите готвачи при градинките во општината, сите готвачи во кујните кои ги опслужуваа училиштата , директорите, наставниците и заеднички се говореше за начинот на изготвување на храната , начинот на изготвувањето на менијата за соодветната возраст, додека Агенцијата за храна и ветеринарство демонстрираше како треба да се складира и чува вишокот на храна во самите кујни на градинките и училиштата-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ.
– Целта на овој проект е единствена-преку здравата исхрана да му овозможиме здравје на детето- изјави нутриционистот Турунџиева.
– Новоизготвениот режим на исхрана во себе ќе содржи многу повеќе свежо овошје, зеленчук и македонска кујна која е специфична за овие простори. Направивме промени во однос на сите оние нутритивни состојки кои го тревожеа организмот на детето и не му дозволуваа правилно да се развива, што значи дека излеговме од досегашните стереотипи кои нудеа менија со заостанат концепт на избор на намирници. Вклучуваме специјалитети од македонската кујна, адекватни за секое дете на таа возраст. Правиме малку поголема промена во однос на утринските ритуали, го зголемуваме присуството на свежо овошје и зеленчук и правиме замена на сите оние нутритиви кои во себе содржат различни емулгатори и негативно се рефлектираат врз имунолошкиот систем и здравјето на децата, вели Турунџиева.
Градоначалникот на општината Билјана Беличанец Алексиќ потенцираше дека ваквиот нов начин на исхрана во училиштата нема да ја промени цената за оброците. Истакна дека и со иста цена, може да се добие поквалитетна храна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.