Иден комесар за проширување во новиот состав на Европската комисија (ЕК), кој ќе го замени досегашниот чешки комесар Штефан Филе, ќе биде Словакот Марош Шефчович, пишува порталот Еуроактив, повикувајќи се на високи извори во ЕК, јавува МИА.
Шефчович, во тимот на Баросо беше на чело на ресорот за интер-институционални врски и администрација.
– Не е вистина, дека во идната Европска комисија нема да има комесар за проширување, изјавил изворот.
Претходно порталот, објави дека во табелата со новите имиња на еврокомесари која ја има на располагање, недостасува комесар за проширување и е наведена само област за соседство, за која треба да биде задолжен Австриецот Јоханес Хан.
Според веќе споменатиот список, Шефчович би требало да се најде на функцијата комесар за развојна помош и ќе ја изгуби функцијата заменик на претседателот на ЕК, што според словачките медиуми всушност е неуспех.
Словачкиот премиер Роберт Фицо, за време на викендот, изјави дека Словачка можно е да добие поголемо портфолио од „помошта за развој“ и дека позицијата на Шефчович е толку силна што сосема природно претседателот на ЕК ќе го земе до себе.
Република Чешка, според документот, кој засега никој не го потврди треба да го води портфолиото за транспорт и вселенска политика, а идна комесарка ќе биде актуелната министерка за регионален развој Вера Јоурова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



