Кина и САД треба да избегнуваат инциденти, кои ги комплицираат нивните воени односи, изјави денеска советникот за национална безбедност на САД, Сузан Рајс.
Рајс, која се наоѓа во дводневна посета на Пекинг, рече дека воените односи меѓу САД и Кина зајакнуваат и тоа е како што истакна „подрачје на соработка кои САД го ценат“.
– Соочени сме со предизвици и секако треба да избегнуваме каков било инцидент, кој би можел да ги искомплицира односите – рече Рајс.
Вашингтон обвини кинескиот пилот дека на 19 август премногу се приближил до американските авиони, 220 километри јужно од островот Хајнан, каде се наоѓа кинеската военопоморска база.
Кина го отфрла обвинението дека некој кинески пилот летал на таков начин.
Кинеската морнарица оваа година првпат учествуваше во повеќенационалните воени поморски вежби недалеку од брегот на Хаваи.
Рајс рече дека во Пекинг дошла пред се да ги договори темите за разговор на средбата во ноември меѓу американскиот и кинескиот претседател, Барак Обама и Си Џинпинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



