За десетина дена, Шкотска ќе одржи рефендум за независност од Велика Британија. Најновите истражувања покажуваат дека поддржувачите за отцепување од Кралството се мнозинство. Резултатите ја натераа британската влада да најави нов план за проширување на автономијата на Шкотска.
Прашањето за четирите милиони Шкоти ќе биде едноставно: Дали Шкотска треба да биде независна држава?
Кампањите наречени „ДА“ и „НЕ“ се во полн ек. Најновата анкета покажува дека за независност на Шкотска ќе гласаат 51 процент од граѓаните и за прв пат се мнозинство.

Британскиот министер за финансии Џорџ Озборн се обидува да ги премисли Шкотите најавувајќи план за поголема автономија на буџетот и на даноците.
– Сигурно мисли дека сме глупави. Озборн, Камерон и целата банда од Вестминстер сфаќаат дека ја губат Шкотска, па сега смислуваат некои големи планови. Ако тоа сериозно го сакаат, зошто чекаа до последен момент?, вели Алекс Салмонд, првиот министер на Шкотска.
Противниците на независноста ги повикуваат сите граѓани да покажат политичка зрелост.
– Ова не е гласање од протест. Ако одлучиме да заминеме, заминуваме за секогаш. Цврсто верувам дека можеме да направиме подобра Шкотска без растурање на земјата, смета Алистер Дарлинг, водач на кампањата „Подобро е заедно“.
Поранешниот премиер предупредува што ќе загуби Шкотска ако се одвои од Велика Британија.
– Станува збор за пензиите. здравственото осигурување, работните места, безбедноста. Кога Шкотите ќе го измерат тоа во следните 10 дена, ќе сфатат дека сакаат да останат во Британија, сигурен е Гордон Браун, поранешен премиер на Велика Британија.
Лондон веќе најави дека независна Шкотска нема да смее да ја користи фунтата, ниту британската централна банка и војската.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


