| четврток, 6 декември 2018 |

„Зборот и слободата“ e тема на регионалната конференција на ПЕН

aus_thumb3

Централен настан од годинашнава програма на македонскиот ПЕН-центар ќе биде регионалната конференција на која, во почетокот на јуни, писателите од земјите од регионов и пошироко ќе дебатираат на тема „Зборот и слободата“.

Ова беше заклучено на редовното годишно собрание на македонскиот ПЕН-центар на кое беше усвоен извештајот за минатогодишната програма и за програмата за овогодишната работа.

– Македонскиот ПЕН ќе ја почне програмската година на 21 март со традиционалното одбележување на Светскиот ден на поезијата во НУБ „Св. Климент Охридски”. Се планира во Куманово да се одржи средба „Поезија на граница” со поетите од Србија, по примерот на минатогодишните средби со поетите од Бугарија и од Албанија – соопштија од ПЕН-центарот.

По повод 50-годишниот јубилеј ќе биде објавена посебна публикација, а членови на македонскиот ПЕН ќе одржат литературни настапи во универзитетските библиотеки во Битола и во Штип, како и во неколку други библиотеки во Македонија.

Во рамките на билатералната и меѓународната соработка, членови на македонскиот ПЕН-центар ќе учествуваат на книжевни настани и дебати во регионот, како и на Светскиот конгрес на меѓународниот ПЕН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top