| четврток, 6 декември 2018 |

Германски „Лојд“ ќе плати отштета за загинатите бугарски туристи на бродот „Илинден“?

Софискиот суд до средината на 2015 година ќе треба да реши дали германскиот регистар на бродови „Лојд“, ќе плати отштета на семејствата на петнаесетте бугарски туристи кои пред пет години загинаа во несреќата на бродот „Илинден“ во Охридско Езеро, пишува „Охрид њуз“.

Адвокатот Мартин Петров од Скопје, кој е застапник на семејствата на загинатите бугарски туристи во телефонски раговор нè информираше дека отштетното побарување за сите 15 семејства изнесува околу три милиони евра.

– Судската  постапка пред Софискиот суд е покрената во 2012 година и сè уште е во тек, а се очекува да заврши до средината на идната година. Досега се  имаат одржано две рочишта, на кои јас се јавувам како полномошник на оштетените заедно со уште еден колега, адвокат од Софија. Оштетното побарување е насочено кон „Лојд“ бидејќи овој бродски регистар, во времето кога се случи бродската несреќа, беше овластен да ги врши техничките прегледи на бродовите кои пловат во македонските води – појаснува Петров.

Тој нагласи дека во судската постапка за обесштетување на семејствата на загинатите не е опфатена Република Македонија и не се бара никаква отштета од македонските власти, бидејќи истите се огласиле дека немаат одговорност.

Инаку, осигурителната компанија, каде што загинатите бугарски туристи имале патничко осигурување, досега исплатила 4.500 евра по семејство или околу 70.000 евра за сите 15 семејства на загинатите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top