Брод-тегнач и шест-седум бротчиња поврзани како вагони се пронајдени од подводните археолози од природно-научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга кај подводниот археолошки локалитет во централното струшко крајбрежје на околу 400 метри од брегот на Охридско Езеро.
Директорот на Музејот Сашо Цветкоски информира дека станува збор за бротчиња од Првата светска војна, кои, според него, веројатно биле товар на некоја композиција, која пренесувала стока и во одреден момент била потопена тука. Бротчињата, како што појасни, се на длабочина од шест-седум метри, а последната откриена композијција е на осум метри.
– Мислам дека тоа може да прерасне во една атракција, а предметите откриени внатре може да се конзервираат и да се презентираат. Ги утврдивме позицијата и количината на потонатите бродови, како и содржината што ја имале. Дури од тие материјални остатоци што се долу, го утврдивме и типот на бродот, компанијата што го правела и
неговата намена. Се надевам дека наредните години ќе го афирмираме како еден многу интересен локалитет за сите тие што се нуркачи професионалци, но и аматери – рече Цветкоски.
Подводниот археолог Никола Паскали, кој учествувал во истражувачката експедиција, смета дека потонатите бродови треба археолошки да се истражат, документираат и позиционираат, да се направат цртежи и да се презентираат пред јавноста за да станат туристичка атракција.
– Во сите светски нуркачки центри тие дестинации ги привлекуваат туристите, како што се потонати бродови, населби, траги од некаков живот на луѓе порано. На пример, во Бугарија има случај на намерно потонување на брод за правење туристичка атракција бидејќи во тој регион немало што да се понуди – истакна Паскали.
Овој подводен архолошки локалитет, кој подетално ќе се истражува в година, бил малку познат кај стручната и културната јавност, но и кај стружани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


