Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вечерва ги додели сертификатите на учесниците на петтата по ред Школа за млади лидери, што по негова иницијатива се одржа од 19 до 28 август во Охрид.
Честитајќи им го завршувањето на интензивната обука од сферата на лидерството и менаџментот, претседателот Иванов на учесниците на петтата Школата за млади лидери им посака успех на професионален план.
– Севкупниот наш успех, на државата, на институциите, на градовите, на селата, зависи од успешните поединци и каде и да сте секој пат имајте на ум дека треба да бидете успешни и да претставувате позитивен пример, кој што ќе го следат и другите. Затоа ви посакувам само убави нешта, да се радувате на секој успех и да не бидете себични и да ја споделувате радоста. Колку повеќе радоста се шири толку е поголема. Научете да се радувате и на туѓиот успех, ако на другиот му се радувате и вам ќе ви се насмевнат и среќата и судбината, рече претседателот Иванов.
Тој порача дека на секое ниво, ни е потребна солидарност, сплотеност и обединување за она што е заеднички интерес – државата Македонија. – Да си ја чуваме државата, да си ја негуваме и сите да даваме свој влог во неа, рече претседателот Иванов пред младите лидери.
Преку видео-врска, на присутните им се обрати канадскиот сенатор Доналд Мередит, кој две години по ред беше предавач на Школата за млади лидери.
– Би сакал да му честитам на претседателот Иванов за визијата да ја одржува оваа школа во последните пет години. Претседателе Иванов, вие сте лидер што трансформира. Ви честитам за воспоставувањето на школата, за поттикнувањето и охрабрувањето на овие млади луѓе, рече сенаторот Мередит.
На годинешната Школа учествуваа вкупно 38 учесници, како и 21 предавач од Македонија, Европа, САД, Канада и Кина. Идејата на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности.
Првата Школа за млади лидери, по иницијатива на претседателот Иванов, беше организирана во 2010 година. Вкупно, во изминатите пет години на Школата учествуваа околу 190 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани