
фото: Република
На вчерашното рочиште,Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, кој беше сведок од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во спорот со премиерот Никола Груевски.јавно призна дека нема вистина во обвинувањата од страна на најголемата опозициска партија за продажбата на „Македонска банка“. Нини, иако сведок на СДСМ, се што кажа беше спротивно на тврдењата на Заев.
-Бев непријатно изненаден кога ме повикаа да сведочам. Не се познавам ни со Груевски ни со Заев. Со премиерот се немам видено никогаш во живот. Ниту за македонска банка сум имал разговор со него, а и немав потреба за тоа бидејќи акциите беа продадени на берза и можеше да ги купи кој сака, рече Нини.
Адвокатот уште еднаш го прашал Стефановиќ директно дали има вистина во тврдењето дека Груевски преговарал и дал поткуп, директно или преку посредник.
На ова Стeфановиќ одговорил дека нема вистина, со никого не разговарал на таа тема ниту дал поткуп.
-Нема вистина. Немам со било кого разговарано на таа тема, ниту сум дал поткуп. Бев непријатно изненаден кога ме повикаа да сведочам. Не се познавам ниту со Заев ниту со Груевски. Со премиерот се немам видено никогаш во животот. Ниту за Македонска Банка, сум имал разговор со него и немало потреба за тоа. Акциите беа продаденина берза и може да ги купи кој сака. Си има брокери кои тоа го работат. Продавачот јас не го знам. Јас не знам кој е сопственик на акциите ниту сум можел да знам. Тужителот не го знам, ниту некогаш сум го познавал – рекол Газда Нини.
Станува збор за редок судски случај во кој носителот на главните обвинувања, лидерот на опозицијата, изнел тврдења и сериозни обвинувања кои се површни и без конкретни докази. Тоа, всушност, се докажа сведочењето на главниот нивни сведок Јовица Стефановиќ Нини кој недвосмислено кажа дека не се познава со Груевски и дека ниту со него ниту со било кој друг посредувал во случајот „Македонска банка“. Тој нагласи дека не се познава ниту со Ден Дончев, човекот за кого се тврдеше дека бил псоредникот во договорите за продажбата на „Македонска банка„.
Дел од адвокатите коментираат дека ова е аматерски обид на воедење на политичка хајка која е незаоснована на вредни докази и аргументи. Се работи за хајка која се темели на измислени работи и невистини. Не е првпат Заев да се залета и да направи гаф… Дали ова е гаф на тие што му ја смислиле стратегијата да влегува во вакви хајки или пак се работи за лош совет на адвокатскиот тим, кој самиот Заев го доведе до ваква политичка незгодна ситуација. Експертите тврдат дека станува збор за политичка незрелост и немање капацитет на реална проценка на лидерот на опозицијата кој се ослонил на ваква аматерска политичка хајка која со едно сведочење падна во вода.
Ивица Боцевски потсети на неговиот став даден уште во април годинава, денот во кој, како што вели, Заев ја “лансираше“ наводната афера.
-Сето ова што се случува деновиве е еден тажен крај на една политичка кариера. Политиката не е место за кловнови и палјачовци. Не велам дека опозицијата не треба да и ги претставува на јавноста сите потенцијални грешки на власта, но ова денеска е гротескно. Паметни луѓе рекле дека историјата никогаш не се повторува освен како фарса. Па, ни „Големото уво“ на Бранко Црвенковски нема да се повтори никако поинаку освен како фарса. Сето ова што денеска е претставено отвара сериозни прашања и дилеми. Зошто СДСМ десет години прикривал информации за потенцијален криминал? Кои институции го прислушкувале шефот на опозицијата во времето на „демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права“? Како овие снимки дошле во рацете на приватни лица? Зошто ова не е претставено во 2004, 2005, 2006, 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013 или 2014 година? Зошто ова не е претставено пред првиот круг на изборите? Верувам дека никој повеќе не може да им продаде мачка во вреќа на граѓаните, па ни СДСМ, напиша тогаш, а потврдува денес, Боцевски.
Според политикологот Владимир Божиновски, секое непоткрепено и несериозно обвинување од страна на политичка партија, кое има за цел да донесе краткорочни поени пред избори, има голема опасност да предизвика долгорочни последици по имиџот на партијата што го пласира.
– Кога ќе се утврди дека една партија поведена од политички причини шпекулира или измислува настани за да им наштети на политичките противници мора да биде подготвена да трпи долгорочни последици како губење на соодветност, намалување на довербата дури и кај сопственото членство и, пред сѐ, нарушување на имиџот како сериозен политички субјект – вели Божиновски за „Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


