| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска објави документ со податоци на џихадистите на Балканот

Хрватската Безбедносно-разузнавачка агенција (СОА) за првпат објави јавен документ со информации за своето дејствување за заштита на граѓаните и националната безбедност, а како еден од проблемите го истакнува прашањето на џихадистите со потекло од југоисточна Европа, пишува Индекс.

Во извештајот на 50-тина страници, кој денес го пренесува хрватскиот печат, се истакнува дека СОА посветува големо внимание на прашањето на радикалните исламистички борци во Сирија и Ирак кои се по потекло од југоисточна Европа, но дека меѓу низ засега нема лица кои живеат во Хрватска.

Се укажува дека територијата на Хрватска се користи како транзитно подрачје при нивното заминување или враќање.

„Во Хрватска нема значителни екстремистички групи, тие се малубројни и нехомогени, и немаат значителен потенцијал не дејствување, иако се забележени пораст на насилствата, хулиганизмот и екстремистичката реторика“, истакнува СОА.

Се предупредува и дека припадниците на регионалниот организиран криминал се обидуваат да ги искористат хрватските подготовки за влегување во шенгенскиот пограничен режим за подобро позиционирање на нејзината територија.

Регистрирани се и обиди за соработка на домашните и регионалните криминални групи во криминални бизниси, како наоѓање начини за „перење пари“ и сомнителни вложувања во хрватското стопанство.

Во извештајот се наведени и улогата и целите на агенцијата, како и информации за нејзиното уредување, активности и проценки.

Според извештајот, во СОА се вработени 40 отсто жени, повеќето вработени имаат меѓу 35 и 50 години, а 75 отсто се високообразувани. Бројот на вработени, сепак, останал тајна.

Во текот на минатата година биле направени над 5.000 безбедносни проценки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top