| четврток, 6 декември 2018 |

Откриена мистериозна палата на локалитетот Висока

На 1.472 метри надморска височина е изграден мошне луксузен објект, кој го правеле големи мајстори. Се претпоставува дека многу моќен човек го градел овој монументален објект, најверојатно Менелај, велат 17 археолози, кои ја сочинуваат екипата што работи на локалитетот

Селото Крушевица се наоѓа на северозападната страна на територијата на општината Витолиште, во прилепскиот дел на Мариово. Се упативме кон ова село за да дојдеме до крајната дестинација – локалитетот Висока. Од Прилеп до Крушевица води тесен асфалтиран пат и по 26 километри пред нас се распослаа пасишта, обработливо земјиште и шуми со кои изобилува овој крај. Поради поројните дождови вегетацијата беше бујна, што е невообичаено за прилепската околија во овој дел од годината. Кога го напуштивме селото дојде потешкиот дел од патот. До кампот каде што се сместени 17 археолози што работат на Висока се оди по мошне стрмен пат, кој може да се помине само со теренско возило. Археологот Орце Петров дојде по нас во Крушевица и мајсторски нѐ искачи до кампот. По пат ни раскажа дека три дена сами го пробивале патот нагоре и со трактор ја качувале опремата што им е неопходна, а бидејќи летово имаше многу врнежи, дури и тракторот не можел да се искачи нагоре, па ја претоварувале опремата. Овде за првпат возел теренско возило, но веќе го научил патот и одлично се снаоѓа бидејќи го поминува секој трет ден за да набави храна и други потребни работи за екипата, а некогаш оди и по двапати до селото.

Во кампот нѐ пречека другиот дел од екипата, која ја сочинуваат: Дејан Кебакоски, Радомир Ивановиќ, Панче Кралев, Орданче Петров, Елена Каранфиловска, Сашко Василевски, Јовица Ристов, Душко Темелковски, Стојанче Атанасов, Александар Мургоски, Миле Јованоски, Крсте Ѓорѓиоски, Владимир Крстески, Ангел Кржески, Владо Ѓорѓиоски и Љупчо, кој е задолжен за готвење. Поради недостапноста на локалитетот, кој се наоѓа на надморска височина од 1.472 метри, сместени се на најблиската достапна точка, која е оддалечена околу еден час пешачење од локалитетот, во организиран камп со шатори од АРМ.

visoko1

– Копавме 30 дена на локалитетот, кој се наоѓа на 1.472 метри надморска височина. Констатирани се наоди од 4 век пред наша ера до 6 век од наша ера. Најинтересниот дел што нѐ привлече да ископуваме е палатата, која е изградена во 4 век пред нашата ера. Камените блокови се високи по четири метри, што ја прави градбата монументална. Карпата ја сечеле вертикално за да добијат на висина. Градбата е идентична со градбата на гробницата од македонски тип што е најдена селото Бонче. Сметаме дека временски се совпаѓаат. Со овие истражувања, преку пронајдените монети потврдивме дека станува збор за континуирана егзистенција на населбата. Секој следен што се населувал на овој простор ги градел градбите на основите на своите претходници. Најмногу најдовме монети пред портата што има форма на инка. Беше лоцирана и истражена просторија, чијшто под е определен со монети, керамика, луксузна раноантичка керамика и врв од стрела, кој, веројатно, им припаѓал на освојувачите што последни ја освоиле оваа територија – вели археологот Дејан Кебакоски од Институтот за старословенска култура.

visoko3

– Овој локалитет е познат и внесен во археолошка карта во 1996 година и не бил истражуван до 2005 година. Таа година на врвот Висока на Селечка Планина се појави професорот Виктор Лилчиќ – археолог, ентузијаст, активен трагач по културните вредности на Македонија, особено на тврдините на древна Македонија.

– Беше многу напорно истражувањето тогаш бидејќи опремата ја носевме секој ден од Крушевица и траеше десеттина дена. Потоа во 2007 година бевме сместени на самиот локалитет, но временските услови, како и недостигот од храна и од вода не дозволија да останеме подолго од тринаесет дена. Со истражувањата раководеше проф. Виктор Лилчиќ и со откритијата од нив ги надополнивме празнините од претходните откритија – ни раскажа Кебакоски.

visoko4

– Објектот е изграден мошне луксузно и, според пронајдоците, го правеле големи мајстори. Се претпоставува дека овој монументален објект го градел многу моќен човек, најверојатно Менелај. Делови од овие градби сѐ уште се видливи горе, а кога дошле Римјаните сѐ разурнале и ги искористиле темелите за своите градби. Горниот објект припаѓа на антиката, а терасите подолу ги прошириле Римјаните. Самата градба укажува дека станува збор за многу моќен човек, за кој се претпоставува дека е Менелај. Некои сметаат дека станува збор за палата, некои за светилиште или за резиденцијален објект – вели археологот Радомир Ивановиќ.

– Сметаме дека со натамошните ископувања горе ќе можеме да утврдиме кому му припаѓала и гробницата, бидејќи временски се совпаѓаат, најмени се едни исти мајстори да ги изградат двата објекта и сметаме дека горе ќе го најдеме одговорот и за гробницата и за самиот локалитет на Висока – додава Кебакоски.

visoko5

Локалитетот Висока годинава влегува во категоријата археолошки проекти од национален интерес. Сместен е на највисокиот врв на Селечка Планина, што укажува на стратегиската положба на просторот. Од оваа точка можело да се контролира движењето низ речиси цела пелагониска рамнина и низ мариовската планинска област.

По еден час пешачење пред нас се појави неповторлива глетка. Како да се наоѓате на врвот на светот. Од една страна Пелагонија, од другата го гледате Мариово.

Акрополата, која е откриена овде, е со површина од 2.600 квадратни метри, додека целиот археолошки локалитет се протега на 19.600 квадратни метри или речиси два хектара.

– Монументалноста на досега откриените партии од влезот и дел од ѕидот на акрополата, но и близината со најмонументалната гробница од македонски тип на територијата на државата, односно гробницата во атарот на селото Бонче, која е сместена во падините на Селечка Планина, оддалечена од локалитетот Висока околу два километра, ни дава право да го сместиме локалитетот во едно од потенцијалните места на кое лежат остатоците на античкиот град Пелагонија – објаснува археологот Дејан Кебакоски.

Гробницата, најверојатно, му припаѓала на некој од моќните пелагониски владетели, можеби на Менелај Пелагонецот, за кој постојат извори, и кој со Пелагонија владеел во првата половина на четвртиот век пр. н. е.

visoko6

– За поврзувањето на овие два локалитета показател е и начинот на градба на бедемот на акрополата и самата гробница, кој е идентичен и совршено прецизен – раскажува Дејан Кебакоски.

Акрополата-дворец е оформена на највисоката карпа на Висока. Има приближно петоаголна форма поради конфигурацијата на теренот. Во северниот дел уште од раната антика била формирана влезна порта во акрополата, а има и станбена површина. Ѕидот околу акрополата е раноантички, изграден од камени блокови, кои биле екстрахирани од највисоката карпа.

– На неговата источна закосена страна се гледаат остатоци од типична античка експлоатација на правоаголни и по некоја кружна форма. Блоковите наменети за одбранбениот ѕид биле доработувани на самото место и монтирани во масивниот раноантички ѕид – ни раскажаа археолозите што работат на локалитетот.

Околу акрополата  бил оформен градот. Во карпите се издлабени десетина правоаголни гробови од типот циста. Подвижните археолошки предмети пронајдени во градот и во акрополата, долу во кампот стрпливо ги архивира археологот Душко Темелковски од НУ Музеј – Прилеп. Тие говорат за долг временски континуитет на егзистенција на градот. Откриени се монети од Филип II, Александар III, Антигон Гонат и од Деметриј II, бронзен дупондиус на Нерон, сребрен денар на Гордијан, мали бронзени апоени на Констанциј и од Аркадиј, како и поголем број монети на рановизантиските цареви од шестиот век пред н.е. Откриени се многу керамички предмети, метални предмети, дел од бронзена теразија итн.

Жителите на селата во Мариово локалитетот го викаат Висока или Ќаве, а тие од селата во Пелагонија, го викаат Цуцул. Така го знаат од памтивек. За него се плетат разновидни приказни од двете страни.

– Горе имало некоја железна порта, од неа се влегувало под земја, во некој бунар. Бунарот бил многу длабок, ведрото да го фрлиш долго ќе паѓа кон дното и тешко ќе го чуеш кога ќе падне во водата. Сега е затрупан со земја и со камења и никој не знае каде е – раскажуваат селаните.

По некој старец од селата и денес тврди дека и самиот пуштил кофа во него, дека тој знае токму каде се наоѓа бунарот, но треба да се искачи таму во високото. Токму таму, на највисокиот дел од врвот, под карпата што се издига најгоре, целата изрежана со извесни скали, извадени монолити гранит и слично, под цуцулот, од страната на селото Крушевица, се наоѓа една исклучителна градба направена од големи камени блокови. Тие, сраснати во бујната природа од лески, дабје, габер и од други растенија, тешко се забележуваат и личат на карпи со природна форма.

Пишува: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top