| четврток, 6 декември 2018 |

Меморандум за соработка на Универзитетот за информатички науки и Националната асоцијација на престижни академски граѓани

апосотол

Меморандум за соработка денеска во Охрид потпишаа Студентскиот парламент при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид и Националната асоцијација на престижни академски граѓани, со цел да се осмислат и спроведат серија обуки, натпревари за максимално искористување на
потенцијалите на студентите.
Виктор Ѓорѓиески, претседателот на Националната асоцијација на престижни академски граѓани појасни дека во рамки на соработката е предвидено организирање настани, обуки во соработка со Студентскиот парламент, на кои студентите ќе се обучуваат за практичните вештини за креативност и претприемништво.
– Креативните човечки ресурси се клучни за успех на една држава. Преку обуки со предвидени сертификати, како и натпревари во странски земји, студентите ќе стекнуваат нови познавања и искуства со кои ќе можат соодветно да одговорат на предизвиците на новото време, а истовремено во значаен дел да ги дополнат своите професионални биографии при конкурирањето за какви било работни места и позиции – истакна Ѓорѓиески.
За Студентскиот парламент при Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ денеска потпишаниот документ претставува добра основа за спроведување проекти насочени кон натамошното доедуцирање и поголем успех на студентите.
Националната асоцијација на престижни академски граѓани е формирана оваа година, со цел да се искористи во целост потенцијалот на најуспешните студенти од сите професии преку развојот на креативноста и нивните претприемнички вештини. Во асоцијацијата може да членуваат сите студенти од прв, втор и трет циклус студии со просек повисок од 8.5 и најмалку комплетирана прва година од додипломските студии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top