
Ацо Станковски
Такви напади, како што е ‘антиквизацијата’ (како идеолошка предигра), ме потсетува на времето на сталинизмот.
Всушност, кога тој термин – антиквизација (автентично – антикваризација) се појавува на европската сцена како културолошки феномен?! – Тој феномен има долга традиција во европската културна историја и се појавува повеќе пати – прво, како борба помеѓу христијанскиот сентимент и античката традиција, а подоцна како културолошко и цивилизациско движење. Со една таква ‘антиквизација’ – интерес за антиката, почнува и ренесансата во XV век во Италија и наскоро станува паневропско движење.
Основната карактеристика на ренесансата е реактивирање на античките културни и цивилизациски вредности. Во времето на деконструкцијата на големата француска монархија се појавува една нова ‘антиквизација’ – тоа е интересот на француската буржоаска интелектуална елита за античките вредности, овој пат и во морален смисол. Уметноста на класицизмот на Жак Луј Давид – директно инспирирана од античките скулптури и релјефи, го потиска жовијалниот рококо на Буше или Фрагонар (од ерата на Бурбоните).
Хенри Фисли ќе нацрта алегорија за тагата на современиот уметник (од крајот на 18 почетокот на 19 век), кој безнадежно клечи пред гигантската нога (до глуждот) од скулптурата на античкиот уметник, кој располагал со совршени знаења и инспирација – моќи, кои не можат повеќе да се достигнат. Во тоа време Рим е културниот епицентар на Европа, тогаш и таму Гете доби инспирација за своите најзначајни дела меѓу кои е и „Фауст“. Тогаш целокупната европска културна елита се среќаваше во ‘антиквизираниот’, Рим занесена до мистички транс од возвишените вредности на антиката.
Токму тој восхит од антиката доведе и до интерес на европските центри на моќ за Балканот. Резултатот на тој интерес е и брендирањето на грчката држава како наследничка на античка Грција, иако самите Грци, кога од Султанот се здобија со своето мало Атинско кнежество, во амбицијата и ентузијазмот за создавање на една нова „нација“, повеќе сакаа да се повикуваат на ромејскиот народ – народот на Византија (поради христијанската традиција преземена и презервирана од времето на предосманлискиот период; додека Грците и антиката им беа пагански – неприфатливи)…
Во времето на просветителството (време восхитено од антиката) христијанските вредности (пред сè, од инквизиторски тип) трпат општа ерозија, а општествата забрзано се секуларизираат. Најсилен и највосхитувачки вредносен систем на оваа секуларизација на општеството е токму фасцинираноста од античките вредности, пред сè, во естетски смисол.
Европските градови од тоа време почнуваат да добиваат градби, инспирирани од античкиот Рим или Атина. И овој тренд во архитектурата трае сè до Првата светска војна 1914 година, па и потоа, водејќи борба уште неколку декади со шокантноста и непредвидливоста на модерната. Но дури и во аутистичките и шизофрени „идеали“ на модернизмот (низ ракурсот на буржоаските стандарди), кога со сите сили се удира по „ретроградниот“ реализам, се случува мала перверзна „антиквизација“ во редовите на авангардата и тој заговор влегува на малата врата на надреализмот, пред сè, низ зачудените дела на Салвадор Дали, Макс Ернст, во делата на „метафизичарот“ Де Кирко или пак во неокласичните епизоди на Пабло Пикасо. Социјалистичкиот реализам, кој како ретрогарда се појави со сталинизмот, во еден од своите естетички слоеви (во хартмановски смисол) ја имаше „перспективата“ на антиквизацијата. Тоа е оној монументален замав, така карактеристичен за античкиот стил. Таа апотеоза на човекот и природата. Тој идеализиран реализам, чии корени допираат до древниот Египет.
Кога европската буржоаска култура доминира со новосоздадените држави и народи на Балканот, се случува една турбо – антиквизација. Сепак овој тренд не може до крај да му одолее на сèприсутниот трибалистички фолклор, па добиваме една чудна евро-ориентална антиквизација, во која балканската буржоаска елита ја живее својата „ренесанса“.
Таа „ренесанса“ се одрази во балканскиот просветителски период и во таканаречениот „Илирски покрет“, кој всушност беше еден вид романтично-антиципаторски план за создавањето на државата на јужните Словени (во тоа време – почетокот на XIX век, Словените беа нарекувани Илири).
Многубројните институции во социјалистичкиот блок го носеа името на Спартак (антички херој – водач на востанието на робовите против римската тиранија). И тоа е еден вид навраќање на минатото. Во времето на „револуционерната“ постмодерна се случија одредени поместувања на италијанската уметничка сцена со појавувањето на анахронизмот. Овој дежа-ви нов правец на европската уметничка сцена ја предизвикуваше веќе истрошената модерна со својата ригидна „антиквизација“.
Опстојувањето, па дури и комерцијалниот успех на анахронистите не покажа само дека „догматизмот“ на модерната е веќе минато и дека „сè проаѓа“, туку и дека магичните моќи на „антиквизацијата“ се постојано тука, тие молчат, се прикриваат и едвај чекаат да се нафрлат врз нашето буржоаско либидо. Кога и да се појави желбата за граѓанските вредности, преполни со рафиниран и дискретен шарм.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


