Израелски проектил прелетал низ купола и ја уништил џамијата Омари во Џабалија и со неа уште еден дел од запоставеното наследство на Газа. На ова место џамијата постоела од седмиот век, додека за Омари се верува дека тука стоела уште од 14 век.
Модерната зграда е додадена пред неколку години, но Омари била една од ретките историски градби во Газа. А сега е во рушевини.
Мујезин тогаш загинал додека ги повикувал верниците на молитва, кажуваат населениците на квартот. Тесната територија на источниот Медитеран, меѓу Египет и Израел била дом на различни народи уште од 3.300 година пред новата ера, велат историчарите. Со Газа владееле Кананити, фараони, Грци, Римјани, Византијци се до доаѓањето на исламот во седмиот век. Со Газа во 13 век владеела Мамлук династијата, а три века потоа оваа област била припоена на Отоманското царство се до доаѓањето на Британците во 1917 година.
Но, Газа не може да се пофали со многу од тоа. Со вековните конфликти и рапидниот раст на популацијата од создавањето на Израел во 1948 година сериозно го погодиле историското наследство на овие енклави. Сега повеќето од градските улици ги красат ефтини стамбени згради.
– Тоа не е приоритет, изјави Јасмин ал Худари, кустос на приватниот музеј кој го отворил нејзиниот татко, инженерот Џавдат.
– Кога помислувате на Газа, никогаш не помислувате на историјата или древната Газа или археологијата туку секогаш на храна, лекови, бегалските кампови, Хамас.
За да се надомести недостигот на државни музеи нејзиниот татко почнал да собира предмети од Кананитите до Првата светска војна на кој наидувал работејќи. Основал приватен музеј на брегот на Газа во 2008 година и во него изложил древна керамика, парички, бронзени изработки и оружје.
Во музејот додал ресторан и хотел вклопувајќи во нив историски предмети. Столбовите на тремот на ресторанот се всушност шините на железничката линија која поминувала низ Газа.
Јасмин вели дека нејзиното семејство планирало да ја прошири колекцијата и да го реновира музејот, а двајца француски археолози ги посетиле во април. Еден од нив се вратил во јули за да им помогне, но поради војната морал да замине.
Додека стои на урнатините на џамијата Омар, Ахмед ал Барш од министерството за туризам и антиквитети вели дека конфликтите од почетокот на јули предизвикале како директна така и индиректна штета на наследството на Газа.
– Индиректната штета се рефлектира на тоа што посетителите, странците, стручните лица не можат да дојдат – рече тој.
Дури и пред војната, израелската блокада наметната во 2007 година ја направила неговата работа речиси невозможна. Израелските власти го ограничуваат увозот на некои клучни градежни материјали во Газа, вклучувајки цемент и челик, зошто тврдат дека Хамас ги употребува за изградба на тунели. Со тоа секое реновирање станува невозможна мисија.
– Израел го забрани влезот на материјали за реновирање, а меѓународните фондации и организации кои работеа на теренот престанаа да праќаат помош, вели Барш.
Уште едно историско место погодено во конфликтите е 15-вековната џамија Ал Махамах во Сеџијах во предградието на Газа.
Се што остана од оригиналната структура е минарето од времето на Мамлук, кој така богато украсен стои над куп рушевина, кабли и стопен метал.
Квартот Дараџ е дом на најстарите згради во Газа, вклучувајќи ги и џамијата Гранд Омар и црквата св.Порфриј кои се во добра состојба.
Хамам ал Самара, единствената турска бања која е останата во Газа, на населението на Дараџ им служи веќе 1000 години, а за оние ретките кои доаѓаат стана мала туристичка атракција.
Семејството Мохамед ал Вазир бањата ја води веќе 100 години, но со почетокот на конфликтот на 8 јули биле принудени да го затворат.
– Војната ни се случи на сите. Сите кои нешто работеа мораа да престанат, вели тој со слегнување на рамената, додека пуши во празната бања.
Планира повторно да ја отвори бањата кога ќе дојде до примирје. И покрај финансиската штета кој му ја нанела војната, откако бањата ќе биде отворена, населението на Газа ќе може да ја користи по дупло поефтина цена од солидарност и поради состојбата во која бевме сите.
Фото:ЕПА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.