
Гробницата има најмалку 160 метри во пречник , долга е 500 метри и е поголема од арената „Филип Втори“ во Скопје. Таа е најмалку двојно поголема од сличните гробници што се пронајдени на многу локации во географска Македонија, а нејзината монументалност беше искористена од страна на Грција, која во случајов ни одржа дипломатско–пропагандна лекција искористувајќи го своето археолошко богатство.
За време на посетата Самарас ниту еднаш не рече дека се работи за гробот на Александар, но индиректно порача дека има голема веројатност токму тука да е закопан најголемиот светски војсководец. При посетата на Самарас на Амфиполи не беа поканети само најголемите и најмоќни грчки медиуми туку и акредитираните дописници на најголемите светски медиуми и тоа целосно на трошок на грчката влада. Пораката дека нешто големо се случува во близина на Серес беше успешно испратена до сите светски меридијани. Притоа Самарас ја искористи техниката според која најважно е тоа што ќе го кажете да не биде невистина, односно може да биде полувистина, да биде доживеана како вистина и најконкретно, кога утре ќе се открие дека локацијата на 70 километри североисточно од Солун воопшто не е ниту можела да биде вечен дом на Александар Велики, никој нема да може да каже дека грчката држава лажела.
Пророштво за крајот на династијата на Аргеадите
Едно од пророштвата за крајот на династијата на Аргеадите вели дека таа ќе згасне тогаш кога императорот нема да биде закопан во кралските гробници во Вергина или во Кутлеш, кај градот Ајга. Дури и ако посмртните останки на Александар Трети биле донесени на територија на античка Македонија, денешна Грција, тие речиси сигурно ќе биле закопани во семејната гробница. Пророштвото на крајот, според сите досегашни наоди, се остварило, последниот крал од династијата на Аргеадите не е закопан во Кутлеш и лозата завршила тука. Според сите информации со кои располагаат македонски научници, во гробницата кај Амфиполи е закопан некој локален владетел какви што имало многу во годините пред и по смртта на Александар.

А дотогаш милиони луѓе вљубени во антиката и во историјата поврзана со војсководецот ќе ги оставаат своите пари кај јужниот сосед уверени дека го виделе вечниот дом на Александар. Сите ќе заборават на манипулацијата на Самарас, кој од Амфиполи порача дека во земјата во која има стотици археолошки наоѓалишта од огромно значење сега е откриено исклучително важно откритие. Што е тоа толку важно Самарас не откри, но не заборави да вметне и една реченица што има и политичка нота.
– Македонската земја продолжува да се движи и да нè изненадува, откривајќи ни уникатни богатства – рече грчкиот премиер во Амфиполи.
Странски археолошки школи во Македонија
Како Македонија може да се бори против Грција во докажувањето дека има историско и секакво друго право на македонското античко културно и цивилизациско насилство? Има повеќе начини, покрај интензивното објавување материјали, и тоа научно засновани, македонските власти мораат да му понудат на светот да учествува во ископувањата во делот од земјата што некогаш бил дел од античката култура. Грчкиот пример со основање странски археолошки школи на грчка територија е идеален за Македонија. Во Грција во моментов работат десетина странски археолошки школи, кои се основани и финансирани од американски, британски , австралиски, германски и од други фондови, а сите пронајдени артефакти или научни материјали што се објавуваат се под строга контрола на Министерството за култура во Атина.
Практично, Грција со еден удар убива две муви, ем успева без пари да врши ископувања и документирање на археолошките наоди ем може по своја желба да ја моделира историјата што произлегува од истражувањата. Со оглед на тоа што, за разлика од Македонија, каде што поради немарноста на поранешните комунистички власти и на новите власти сѐ до 2006 година истражувањата се правеа ад хок, без никаква стратегија и притоа не се опфатени ниту 10 проценти од потенцијалните наоѓалишта, во Грција нема повеќе од десет локации што допрва треба да бидат истражувани.
Македонија поради својата неистраженост е идеална за стотиците екипи што би платиле со злато за да можат да бидат дел од истражувачки проект. За потсетување, истражувањето на Стоби во поранешна Југославија било целосно направено од американски тимови, а во моментов само во Александрија, која е една од најегзотичните локации за светските археолози, работат најмалку десет тимови од сите светски меридијани. Доделување земја и објекти на заинтересирани странски држави што би испратиле и би финансирале истражувања во земјава, под контрола на македонските власти, не може да штети. Напротив.
Покрај пропагандната мисија на грчкиот премиер, во неговото однесување мора да се препознае уште една интенција на грчката држава. Умереноста што ја искажуваат грчките археолози и нивниот политички шеф има и друга порака. Дека, за разлика од северниот сосед, каде што разни ровови во кои ЈНА во педесеттите години на минатиот век вршела војнички вежби аматерски се прогласуваат за спектакуларни археолошки наоѓалишта, во Грција нема еуфорија туку само наука и затоа не се брза со тврдењата кој е закопан во Амфиполи.
Доброупатените лица во грчко–македонскиот спор за името знаат дека паралелно со класичната дипломатија грчкото МНР и Министерството за култура во Атина водат битка да докажат дека во Македонија се врши насилство врз науката и историјата и се користат лажни факти за да се оправда постоењето на македонска нација и историја. Во тие напори делата на автори од типот на Александар Донски, Ристо Стефов и Ниче Димовски се анализираат до најситни делови, од нив се вадат сите небулози и потоа во грчки контекст се прикажуваат како главен аргумент дека македонската нација почива на измислици непоткрепени со ништо . По ваквиот процес, кој не трае од вчера, вистинските македонски научници имаат тешка задача, да ја прикажат вистината во светот за различностите меѓу Македонците и Грците уште од антиката.

Телото на Александар Велики не е во Амфиполи
Без познавање на класичните студии, од една страна е тешко со сигурност да се тврди дека војсководецот сигурно не е закопан во близина на реката Струма, а, од друга страна, пак, воопшто не е тешко со употреба на логиката цврсто да се застане зад тврдењето дека, сепак, Александар е закопан на друга локација. Една од логиките вели дека тогашната администрација немала време за изградба на таков величествен објект затоа што Александар умрел многу млад. Најголемиот светски освојувач починал на 10 или на 11 јуни 323 г. пр.н.е во Вавилон (на стотина километри од денешен Багдад) и од таму е однесен во Александрија, во Египет.
Тогашниот управник на Македонија, Касандар, инаку син на генералот на Александар, Антипатар, дури и да сакал немал време да изгради монументална гробница за својот император. Настрана што Касандар подоцна во обид да го преземе престолот ги убил неговата жена Роксана и син му, кој се родил по неговата смрт. Дополнително, во документи од историчарите на Цезар и на Наполеон се вели дека гробот на Александар за кој не се знае ништо од 400 г. пр.н.е., најверојатно, е во Александрија.
Веројатноста човекот што го покорил половина свет да е закопан во Грција е уште помала ако се знае дека грчките археолози, иако веќе поминаа две години, не објавија ниту еден доказ дека времето на изградбата на гробницата се совпаѓа со времето во кое починал војсководецот. Иако за тоа постојат специјални техники и опрема грчките археолози досега не прецизираат кога е изградена новата грчка туристичка атракција.
Пишува:Горсн Момировски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Од Александар Македонски на Плоштад веќе нема да се слуша музика
-
Пронајден изгубениот град на Александар Македонски во Ирак
-
Бесплатни униформи и нови училиштa: Општина Аеродром ги следи светските стандарди во образованието (Видео)
-
Адидас произведе патики за тенис инспирирани од Александар Македонски (видео)


