
Авиони на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад бомбарадираа позиции на бунтовниците во близина на контролен пункт на Голанската Висорамнина, која е под окупација на Израел.
Сириското крило на Ал Каеда, Фронтот ал Нусра, заедно со умерени исламистички бунтовнички групации, кои го нападнаа пунктот претходната ноќ и натаму го контролираат и покрај тешките бомбардирања, изјави извор од исламистичката бригада Бејт ал Макдис, чии борци учестуваат во судирите.
Абу Ијас ал Хорани, портпарол на друга бунтовничка групација, која дејствува во регионот, изјави дека најмалку шестмина бунтовници се убиени во последните судири во близина на пунктот, кој се наоѓа на околу 20 километри западно од градот Кунејтра, кој е под контрола на сирискиот режим.
Контролниот пункт е под контрола на Обединетите нации, кои го надгледуваат сообраќајот меѓу двете завојувани страни. Портпаролката на ОН изјави дека претставници на Организацијата не можат да потврдат дали бунтовниците го зазеле пунктот.
За време на судирите од залутани куршуми се ранети двајца Израелци, војник и цивил и двајцата од Голан, изјави вчера израелската армија.
Сирискиот центар за набљудување на човековите права соопшти дека во судирите се убиени 20 сириски војници и 14 бунтовници.
САД проверуват дали втор Американец е убиен во Сирија, војувајќи на страната на „Исламска држава“.
Портпаролката на Стејт департментот, Џен Саки изјави дека нема независна потврда на информацијата за убиството на втор државјанин на САД во Сирија, кој војувал на страната на џихадистите.
Вашингтон досега ја потврди смртта само на еден Американец, Даглас Макартер Мекејн.
Телевизијата Ен-Би-Си претходно цитираше анонимен член на Слободната сириска армија, бунтовничка групација, која војува со силите на претседателот Башар ал Асад, според кој двајца Американци се убиени минатата недела во судири со Фронтот ал Нусра.
Вториот Американец, според истиот извор, бил убиен во истиот судир, како и Мекејн. Тие биле дел од група од тројца странски џихадисти во редовите на „Исламска држава“.
Според Стејт департментот околу 12 илјади странски џихадисти од 50 држави пристигнале во Сирија од почетокот на конфликтот, а меѓу нив има и мал број Американци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


