| четврток, 6 декември 2018 |

Во Собранието почна расправата по Нацрт амандманите на Уставот

sobranie-na-rm-640x360

Собранието на Република Македонија денеска ја почна 12-тата седница со Утврдување на Нацртот на амандманите 33, 34, 35, 36, 37, 38 и 39 на Уставот на РМ, поднесени од Владата.
Заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски истакна дека предложените Нацрт амандмани на Уставот на РМ опфаќаат три области од правосудството, финансиите и семејното право.
Говорејќи за Нацрт амандманот 33, таа потенцира дека со измените во овој дел ќе се овозможи бракот да се дефинира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а регистрирањето на вонбрачната заедница да биде исклучиво меѓу еден маж и една жена.
– Семејството, бракот, мајчинството, татковството, како и грижата за децата се меѓу најважните морални обврски – истакна Бришкоска-Бошковски, додавајќи дека бракот како заедница е соочен со предизвиците на современото време и обидите за негово
редефинирање, деинституционализација, како и негова постепена маргинализација. Бракот, како што додаде, има огромен ефект врз односите на семејството, сопружниците и врз децата, а со самото тоа и врз целото општество.
– Целта на бракот е емоционална, духовна, физичка и морално-материјална заедница на мажот и жената, која се базира врз принципите на рамноправност, доверба и взаемно почитување, помагање и разбирање – рече Бришкоска-Бошковски.
Поддршка на предложените Нацрт-амандмани даде Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека измените ќе бидат во полза на сите граѓани на Република Македонија без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
Говорејќи за амандманот 33, Чибишев рече дека дава поддршка бракот да биде дефиниран исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз истакна дека секојпат кога се отвора Уставот е сериозна работа, и заради тоа е потребно во расправата да бидат вклучени сите експерти, невладините организации, медиумите и оние кои се опозициски настоени за да дадат свои мислења и ставови.
Според пратеничката Солза Грчева, ваквата дефиниција и изнесување на бракот како уставна категорија и досега беше крута и нецивилизирана.
– Со ова игнорираме 10 до 13 отсто од нашето население кое што бега од нашата земја и ги бара своите права на друго место – рече Грчева и додаде дека ова го смета за цивилизациско поместување назад.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски даде едночасовна пауза по која треба да продолжи расправата по Нацрт амандманот 33 од Уставот кој се однесува на востановувањето на бракот исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top