| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов го честиташе празникот Успение на Пресвета Богородица

иванов
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.
– Ваше Блаженство, дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Одбележувајќи го денот посветен на мајката Божја споменуваме за вредностите на скромноста, трпеливоста, човечноста, споделувањето на радоста и тагата и подавањето рака на секому кому му е потребна. Празнувањето на успението на Богородица значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Негувајќи ја традицијата, години наназад, го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна
сила. На овој голем ден ја потврдуваме нашата определба за заеднички напредок, за слога, за почитување и разбирање на сите граѓани на Република Македонија. Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро
здравје и духовен мир. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам мир и спокој, опкружени со своите најблиски и исполнети со радост – се наведува во честитката од претседателот Ѓорге Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top