| четврток, 6 декември 2018 |

Современите луѓе и неандерталците живееле заедно пет илјади години

Современите луѓе и неандерталците во Европа живеле едни покрај други десет пати подолго отколку што досега се претпоставуваше, покажуваат резултатите од досега најобемното истражување на остатоци од неандерталски коски и орудија, објавени во списанието Nature. 

Меѓународен тим од научници анализирал повеќе до 400 примероци од неандерталски останки од најголемите европски наоѓалишта со помош на најнапредните технолошки методи на универзитетот Оксфорд. Доказите сугерираат дека современите луѓе (хомо сапиенс) и неандерталците живееле заедно пет илјади години, како и дека меѓу нив доаѓало до размени на идеи и културата.

Резултатите од споменатото истражување го даваат досега најјасниот увид во интеракцијата меѓу неандерталците и човековите предци, коа првпат се сретнале, што тогаш се случило и зошто неандерталците изумреле, изјави за BBC раководителот на истражувањето, професорот Томас Хајгам од Оксфорд. „Идејата дека неандерталците брзо изумреле веќе со самото надоаѓање на човекот можеме да ја ставиме настрана. Наместо тоа, сега можеме да видиме сложен процес на соживот на двете популации“, вели професорот.

Претходно се мислеше дека соживотот на двата вида траел само 500 години. Тоа ги поттикнуваше научните претпоставки дека хомо сапиенсите или ги убиле неандерталците или им пренеле болести на коишто тие не биле отпорни.

Меѓутоа, новите податоци покажуваат дека двата вида живееле едни крај други десет пати повеќе. Таквата процена објаснува зошто археолозите откриле релативно доцен напредок во развојот на неандерталските орадија и користење на накитот, украсување на садовите што ги употребувале секојдневно според човечки урнек.

Студијата сугерира дека неандерталците изумреле 10 илјади години порано отколку што се мислеше, односно пред околу четириесетина илјади години, во периодот кој се совпаѓа со почетокот на многу студената ера во Европа. Податоците, исто така, покажуваат дека современите луѓе пристигнале во Европа од Африка, исто така, порано отколку што досега се мислеше, пред околу 45, илјади години.

Археолошките и генетските материјали говорат дека неандерталците веќе биле во бројно опаѓање кога на континентот пристигнале луѓето. А тие биле само своевидно дополнување на нивните проблеми.

„Ловеле исти животни, собирале исти растенија и сакале да живеат во најдобрите пештери. Тоа било своевидно економско натпреварување. Но немало брзо истребување. Луѓето не ги убиле, ниту (неандерталците) биле зафатени од нивните болести. Тоа бил постапен процес“, вели професорот Крис Стрингер од Лондонскиот природонаучен музеј.

Бројот на популацијата на неандерталците опаѓал, а луѓето паралелно бројно се зголемувал во текот на илјадниците години. Долготрајниот студен бран пред околу 40 илјади години бил завршниот причинител кој неандерталската популација толку ја ослабил што изумирањето на видот било неминовно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top