| четврток, 6 декември 2018 |

Ослободен грабнатиот американски новинар Питер Тео Кертис

Киднапери во Сирија во неделата ослободиле американскиот новинар грабнат во октомври 2012 година по напорите на властите на Катар за негово ослободување, извести сателитската телевизија Al Jazeera.
Панарапската сателитска телевизија чие седиште е во Катар, наведе дека станува збор за новинарот Питер Тео Кертис, кој е предаден на претставник на Обединетите нации.
Кертис беше грабнат во Антакија во Турција и се појави на видео снимка на 30-ти јуни прочитувајќи текст во кој вели дека е новинар од Бостон, пренесува агенцијата DPA. Наводно се обидувал да влезе во Сирија за да подучува англиски јазик.
Неговото ослободување доаѓа само неколку дена откако на друг грабнат американски новинар, Џејмс Фоли, џихадистите од сунитската милитантна организација Исламска држава му ја отсекоа главата. Фоли, исто така, беше грабнат во Сирија, во близина на границата со Турција, еден месец по Кертис, на 22-ри ноември 2012 година.
Меѓународната организација за слобода на медиумите Репортери без граници објави дека три странски новинари сѐ уште се заложници во Сирија, заедно со околу 50-ина сириски новинари, било во рацете на вооружените групи или на сириската влада.
Комитетот за заштита на новинарите од Њујорк вели дека повеќе од 80 новинари се грабнати во Сирија во текот на повеќе од тригодишниот конфликт, а дека околу 20 локални или странски репортери во моментов се исчезнати во Сирија. Најголемиот дел од нив, се верува, се во рацете на Исламската држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top