| четврток, 6 декември 2018 |

„Патот за Аликанте“ – филм за легендарниот пејач што ја испеа „Жаклина, љубов моја“

 Екипата што работи на филмот ја сочинуваат сценаристот Константин Петровски, Весна Ристовска, Симон Секуловски, Гоце Глигоровски и Зоран Мишевски. Целосно неформална група пријатели“, што би рекол Петровски

Konstantin Petrovski (7)

Константин Петровски

Малку е за неверување, но тие што биле сведоци тврдат дека во 1991 година матурантите од престижната битолска гимназија „Јосип Броз Тито“, на прославата во еден од битолските хотели на секои пет минути барале од групата што ги забавувала да го свири новокомпонираниот хит во тоа време „Жаклина“. Групата што го изведуваше овој хит во деведесеттите години на минатиот век се викаше „Елита“, а вокалот што ја испеа легендарната „Жаклина, љубов моја“ е битолчанецот Цане Николовски. Тој денес живее во Аликанте, Шпанија, уште се занимава со музика, издава и албуми, но оваа урбана легенда уште се прераскажува во Битола.

Интересниот музички пат на Николовски, кој смени неколку музички правци во животот – почна со рок, па преку поп продолжи со изворни народни, а потоа и новокомпонирани песни – бил сосема доволна причини една група ентузијасти од Битола да снимат документарен филм за Николовски, со наслов „Патот за Аликанте“.

10601314_10204579874597772_1920104396_n

Екипата што работи на филмот ја сочинуваат сценаристот Константин Петровски, Весна Ристовска, Симон Секуловски, Гоце Глигоровски и Зоран Мишевски. Целосно неформална група пријатели, што би рекол Петровски.

– Документарниот филм ќе трае дваесетина минути. Го познавам Цане одамна. Првпат го видов во Домот на културата во Битола, во 1987 година. Потоа тој стана ѕвезда, пред сè благодарение на хитот „Жаклина“. Со помош на социјалните мрежи се поврзавме со Николовски, направив интервју со него, кое помина одлично. Тоа ме натера да размислам за идејата да направиме документарен филм за човекот што ги минал речиси сите жанрови во музиката и бил успешен во секој од нив. За одбележување е тоа што тој во Заечар, Србија, со својата група освоил прво место на гитаријадата и тоа од еден мал град од Македонија во тогашната Југославија – вели сценаристот на филмот Петровски.

10596282_10204579882757976_1248661308_n

Во документарниот филм говорат повеќе луѓе што го познаваат Николовски.

– За ликот на Цане зборуваат членовите на „Мадригали“, Панде Димитовски, Валентин Соклевски, кој го напиша текстот за „Жаклина“, и уште неколкумина – вели Петровски.

Додека разговарал и интервјуирал луѓе за документарниот филм слушнал многу интересни и неверојатни приказни за Николовски.

– Интересна е приказната за тоа кога првпат членовите на „Мадригали“ ги забележале Цане и неговиот музички талент. Тие биле околу 20 години, а тој имал 13-14 години. Го виделе во паркот во Битола бос, како пее. Го викнале на аудиција, тој испеал неколку песни и го зеле во групата. Првата свирка на Цане со „Мадригали“ била во битолското село Могила. Тој ден брат му на Цане се женел, правел свадба. Но, Цане не отишол на веселбата бидејќи имал концерт – раскажува Петровски.

10592457_10204579597510845_1192025162_n

Кај Петровски подолго време тлеела идејата да направи филм за познатиот битолчанец, но му била потребна екипа.

– Снимени се веќе 15 минути, останува уште малку да се доврши и да остане работата во постпродукција – вели Петровски.

Весна Ристовска, дипломиран режисер, е дел од екипата во филмот.

– Идејата на Петровски за снимање филм за Цане Николовски навистина ми се допадна и драго ми е што мојата продуцентска куќа се вклучи во реализација на филмот „Патот за Аликанте“. Ова е една навистина интересна приказна за човек што оставил белег во македонската музика и во историјата на нашиот град – вели Ристовска.

10592194_10204579894318265_762752557_n

Кој е Цане Николовски

Цане Николовски (56) е македонски пејач, музичар, флејтист, кој во својата долга кариера бил вокал на групите „Мадригали“, „Гром“ и „Бонтон“. Николовски, освен што е најмногу познат по новокомпонираниот хит „Жаклина“, испеан со „Елита“, тој мошне добро се снаоѓа и во други жанрови – рок, поп, народни изворни и новокомпонирани песни. Во неговата биографија стои запишано дека има издадено 37 албуми со народна, поп и музика изведена на флејта. Десетина година Николовски живее во шпанскиот туристички град Аликанте, како професионален забавувач. Ангажиран е во различни локали и ресторани во градот. И понатаму музиката му е професионална определба и снима албуми од различни музички жанрови, како и албуми на кои тој изведува музика со флејта.

Николовски првпат почнал да се занимава со музика во рокенрол-групата „Мадригали“, во која е член од 1975 година, а две години подоцна, на гитаријадата во Заечар, Србија освоиле прва награда од жирито, прва награда од публиката и прва награда на Радио-телевизија Белград. Во 1979 година повторно настапиле на заечарската гитаријада и го освоиле првото место од публиката. Во 1981 година групата настапила во центарот „Скендерија“ во Сараево, Босна и Херцеговина, каде што ја исполнила „Плати една дупла и мрш да те нема“, што била прогласена за хит во поранешна Југославија.

Во 1991 година читателите на магазинот „Екран“ ќе ја изберат новокомпонираната „Жаклина“ за најслушана песна во 1990 година.

10602507_10204579944399517_1281896267_o

Ова е документарен филм за еден човек што е многу посветен на музиката, живее од музиката и за неа и до ден-денес.

– За Битола Цане е легенда. Тој е градски лик и мислам дека заслужува да добие еден документарен филм. Тој е најпознат по „Жаклина“, и тоа е неговиот најголем успех. Во Битола уште се прераскажува прославата на матурантите на главната градска гимназија „Јосип Броз Тито“ во 1991 година, кога на секои пет минути се барало да се свири оваа песна – вели Петровски.

Премиерата не се знае кога ќе биде точно, но се очекува најверојатно за крајот на септември или почетокот на октомври, кога е можно и самиот Николовски да дојде во Битола на првото прикажување.

Денес тој живее во Аликанте со сопругата Јованка и со ќерката Александра.

– Можам да кажам дека Аликанте е идеално место за живеење затоа што ми ја исполни желбата за мирен семеен живот, но и за занимавање со музика на еден потивок и поинаков начин. За музиката нема граници. Ако е добро, не е важно на кој јазик пееш. Добрата музика секогаш ќе биде слушана – вели Николовски.

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 102. број на неделникот „Република“, 15.08.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top