| четврток, 6 декември 2018 |

Костурите во дупката на ужасот на Кајмакчалан ќе станат достапни за туристи

kosturi

Ќе се среди и обележи земјениот пат кој води до Спомен-меморијалниот комплекс од Првата светска војна подигнат на врвот Kајмакчалан на самата македонско-грчка граница. Проширување на патот кој останал направен од времето на француската војска пред еден век, најави Лазар Kотевски, градоначалник на Општина Новаци. Градежниот зафат е планиран како активност во втор дел од проектот „Жива природа, жива историја“ што Новаци го реализира со средства од ИПА-програмата. Сегашниот пат кој поаѓа од село Скочивир до врвот е во лоша состојба. Се минува со теренско возило за два часа или со петчасовно пешачење.

– Проектот предвидува трасирање патеки, престојувалишта, приспособување на излетничките места на Kајмакчалан каде што минувал Македонскиот фронт за време на Првата светска војна, од чиј почеток годинава се навршија сто години. Ќе направиме реконструкција и приспособување на приодот до Спомен-костурницата на Kајмакчалан. Тоа ќе го олесни патот кој сега е тежок за минување, а туристите немаат ориентација каде да се движат – вели Kотевски за Дневник.

Со ваквите активности ќе се овозможи туристички развој на мариовскиот крај кој во себе крие многу локации од Првата светска војна. Поголем број туристи ќе може да го посетат комплексот, во чиј склоп е Спомен-костурницата, црквата „Свети Петар“ каде што почивало срцето на доктор Арчибалд Рајс, професор, криминолог од Швајцарија, но и дописник за повеќе весници директно од Македонскиот фронт, камбанаријата, но и остатоците од болницата во која биле лекувани војниците за време на Првата светска војна. 
koski
На секој квадратен метар имало по еден загинат војник.

  – Kостурницата има правоаголна форма, ископана е во земја две метра и еден метар се издига над земја, обликувана е како споменик. Од горе има отвор прекриен со метален капак. По скали се слегува внатре и на полици се наредени черепи и други коски од загинати војници. Нема точна бројка на колку војници коските им се наоѓаат внатре, но многубројни историчари запишале дека на Kајмакчалан на секој квадратен метар имало загинато по еден војник – вели Ѓорги Лазаревски, истражувач на новачкиот крај. 

Таму се собрани коските на стотици војници кои загинале во жестоките битки меѓу српско-француската војска од една и бугарските сили од друга страна на врвот на Kајмакчалан. На Спомен-костурницата, подигната во дваесеттите години од минатиот век кога вардарскиот дел на Македонија бил под српска власт, на српски јазик пишува дека е посветена на српските орли кои биле гордост на Југославија. Но, денес се знае дека на Kајмакчалан почиваат коските и на многумина македонски војници кои биле мобилизирани во туѓите војски. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top