| четврток, 6 декември 2018 |

АНТИКВИЗАЦИЈА

Aco-Stankovski-2_90x120

Ацо Станковски

За антиквизацијата (антикваризација – заштита и вреднување на старините, антиквестација – потрага по старините), тој лошо искомпониран термин, има многу малку познавање и разбирање од интелектуалната елита која го произведе, а за која елита знаеме дека главно орбитира околу левицата, и која е длабоко политизирана. Таа политизација оди до нивоата на еден тоталитаристички агит–проп манир, при што протагонистите остануваат глуви за било каков тип аргументација од страна на опонентите и од стана на независните и политички непрофилирани слободни мислители.

Сепак тие (изумителите на терминот ‘антиквизација’) не сфаќаат дека се легитимираат како прилично наивни идеолози, западнати во псевдо-интелектуални и опортунистички игри, кои нема да резултираат со посакуваниот исход. Тој исход за нив е повторно здобивање на власта, за чија ефемерна сладострасност се спремни да поднесат најнедостоинствено девалвирање на нивниот, и онака, сомнителен морален идентитет. Творците на овој конфликт треба да соберат доволно сили, за да се соочат со својот оксиморон.

И не само со својот терминолошки оксиморон, туку и со нивната наивна и неинтелигентна политичко–идеолошка стратегија. Како прва и најфатална грешка на нивната проценка во однос на методологијата на политичката критика, е нивното несмасно имплицирање на културолошките проблеми со дневната политика, а, пред сè, со нивната огромна глад по владеењето. Проблемот на идентификација и истражување на еден историски период е, пред сè, во надлежност на историчарите, историчарите на уметноста, антрополозите, генетичарите и археолозите, а најмалку на политичарите.

Но, не поради ексклузивноста на експертите, туку поради тенката едуцираност на политичарите во суптилните и комплексните сфери на овие прашања. Така, во виорот на политичката борба за власт, можно е да се појават непроверени и лошо компонирани тези и ставови, кои не само што го дискредитираат политичкиот процес, туку го дискредитираат професионалниот и експертски еснаф, компетентен да се изјаснува по овие прашања, воедно девалвирајќи ја целата македонска интелектуална сцена, нудејќи вака површни и неточни претстави.

Дали интелектуалната перјаница на левицата разбира дека со вакво самоуверено, а некомпетентно и неточно пласирање на тези си нанесува огромна штета, и на својот авторитет, и на авторитетот на самата левица? Тезата за антиквизацијата има неколку потконтексти и ја одразува целата малициозна инсинуација кон десницата и кон обидот да се реставрираат и евоцираат одредени буржоаски вредности, кои или не биле создадени во нашата култура, или сме ги загубиле при комунистичкиот редизајн на естетските вредности од минатото. Во контекст на антиквизацијата, тие критики се однесуваат на анахронизмот, митоманијата, помпезноста и кичот, провинционализмот и узурпирањето на вредностите на друга култура, со што застануваат на иста линија со критиките на официјалната грчка политика. Во овој последен потконтекст критичарите на ткн. антиквизација го легитимираат грчкиот став за крадењето на културите вредности од античкиот период од страна на „македонскиот“ народ и го афирмираат ставот, дека тие вредности се исклучиво грчки.

Ваков пристап во многу европски и светски општества би бил проценет како парадоксален и во најмала рака апсурден, пред сè, земајќи го предвид ноторниот факт, дека една култура, како што е античкиот период, кој има цивилизациски конотации, не може да биде брендиран од еден етнос, па колку и да е многуброен, а камоли од еден мал балкански народ (10 милиона сосè малцинствата – што не ги признава), кој своето брендирање го добил пред, не повеќе од еденипол век, и тоа од страна на големите западноевропски сили.

Денес Балканот, кој и не е помеѓу најголемите и најзначајните (во геополитички смисол) региони во светот, е населен од многу мали народи, кои своето конституирање го иницирале во средината на 19 век, кога почнуваат да попуштаат кохезивните структури на Австро-унгарската и Турската империја. Од друга страна, античкиот свет, во кој опстојувале и гаснеле многу кралства и империи, оставил свои реликти низ целиот Балкан и го претворил во еден од најинтересните археолошко-историски региони во светот.

Сите народи што живеат на Балканскиот полуостров имаат право да го негуваат културното наследство од нивната територија и имаат право да градат восхитувачки и идентификациски релации со одредени личности и култури, кои ги сметаат за свои. Овој доблесен и емотивен однос кон вредностите од минатото е право на народите и групите, загарантирано со корпусот на човековите права на највисоко планетарно ниво. Нападот со ‘антиквизацијата’ е насочен кон исмејување, вулгаризација и дискредитација на овие човекови права. (продолжува)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top