Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, Работнички ја декласира Струмица, со 99-66, во клучниот меч за пласман во Супер-лигата. Избраниците на тренерот Емил Рајковиќ доминираа на теренот во „Градски парк“, во Скопје и сосема заслужено ќе играат во завршницата, со најдобрите 6 екипи, во битка за титулата.
Домаќините, од стартот на вечерашниот натпревар покажаа дека ги интересира само успех, наметнаа пеколно темпо, кое гостинскиот состав не го издржа.
Јелесијевиќ и Абукар доминираа под обрачите овозможувајќи му на Работнички убедлива предност од 11-2, уште од стартот на натпреварот. Во меѓувреме во ритам влезе и Џон Шарпер, но и останатите кошаркари на домашниот состав, па како одминуваше времето, така и предноста на Работнички стануваше се поголема.
На крајот од првата четвртина резултатот беше 32-20, а на одмор се замина со 56-33. Феноменална партија на ниво на најдобрите кошаркари од НБА, одигра АмериканецотАбукар, кој постигна извонредни 26 поени, за едно полувреме.
Ниту вториот дел не ги смени работите. Работнички играше одлично во одбраната, и ефикасно во нападот, па само беше потврдена убедливата победа од 33 поени. Струмичани се бореа, дадоа се од себе за да се вратат, но и на нив им беше јасно дека против себе имаат далеку поквалитетен ривал.
Абукар, беше најефикасен со 33 поени, а Јане Петровски даде 17, со пет погодени тројки. Шарпер го заврши дуелот со 12 поени, додека по 10 поени постигнаа Зивчевиќ и Јелесијевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


