Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга се сретна со претседателот на Фондацијата на туркофонијата од Анкара, Република Турција, Јахја Акенгин, поет и учесник на 53-то издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.
На средбата на која присуствуваше и претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, како и раководството на НУ„Струшки вечери на поезијата“ стана збор за досегашните односи во областа на културата меѓу Република Македонија и Република Турција, кои како што нагласи министерката за култура, се одликуваат со реализација на бројни проекти од сите дејности.
На средбата, било иницирано создавање на Музеј на светската поезија во Струга, во кој преку современа музејска поставка ќе биде презентирана петдецениската историја на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Министерката за култура, која ја поздрави иницијативата, истакна дека овој музеј ќе биде уште една потврда дека оваа поетска манифестација е бренд од пошироко значење, но и потврда за добите односи кои ги негуваме со Република Турција.
Канческа-Милевска потсети дека во изминатиот период во соработка со Турската интернационална агенција за соработка и развој – ТИКА се реализирани многу важни проекти од областа на културата, како што се обновата на роднинската куќа на Кемал Ататурк во Коџаџик, обновата на спомен собата на таткото на современа Турција во битолскиот завод и музеј и многу други проекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


