Бугарскиот енергетски регулатор предложи цената на струјата за домаќинства да се намали за 6,4 отсто.
Тоа е помалку од осумте отсто колку што, пред извесно време, предложи владата во заминување за да ги смири протестите против влошувањето на животниот стандард, јави Ројтерс.
Бугарија има најевтина цена на струја во ЕУ, но и најнизок животен стандард. Зголемувањето на цената на струјата, што стапи во сила во јули минатата година, само дополнително им отежна на Бугарите да ги згреат своите домови во текот на студената зима, поради што стотици граѓани беа принудени да излезат на улици.
Регулаторот сега предложи намалување на цената од 7,3 проценти за клиенти на австрискиот дистрибутер ЕВН, за 6,7 проценти за корисниците на чешкиот ЧЕЗ и за 5,3 проценти за клиентите на втората чешка групација Енерго-Про.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.