
Таинствените емиратски зделки во Србија се обид да се обезбеди српско оружје за борбите на Блискиот Исток, но и стратегија за намалување на руското, па и на турското влијание на Балканот. Вака интернет-порталот „Блискоисточно око“ ја опишува соработката меѓу богатата нафтена држава Обединети Арапски Емирати и Србија, кои во кусо време потпишаа договори за воена соработка, изградба на голем градежен проект во Белград и за купување на дел од српскиот авиопревозник ЈАТ.
Текстот на новинарот Рори Донахју опишува мрежа на контакти меѓу српските власти и Обединетите Арапски Емирати, која, покрај на личното пријателство меѓу српскиот премиер Александар Вучиќ и емиратскиот престолонаследник Мохамед бин Зајед, се потпира и на посредништвото на познатиот палестински воен командант Мохамед Дахлан.
– ОАЕ веројатно се обидува со своите инвестиции во Србија да го сузбие влијанието на својот ривал Турција, која исто така инвестира и го зголемува своето влијание на Балканот. Можно е ОАЕ ова да го прави под совет од САД и Израел, пишува Донахју, воедно цитирајќи го српскиот новинар Владимир Пекиќ, кој вели дека зголеменото арапско влијание во српската воена индустрија може да ја намали српската поврзаност со Русија.
Обединетите Арапски Емирати, според Донахју, склучиле договор вреден 200 милиони долари со српската воена компанија Југоимпорт СДПР, која заедно со компанија од ОАЕ ќе работи на развој на нивниот противтенковски проектил АЛАС, за кој српските експерти велат дека може да уништи тенк на растојание од 60 километри.
ОАЕ е еден од најголемите увозници на оружје во светот. Арапските нафтени држави, кои се натпреваруваат во помагање на една или друга герилска група кои се појавија во хаосот настанат од Арапската Пролет, постојано бараат држави со лабави закони од кои би можеле да купат квалитетно оружје, вели Тимоти Еш, аналитичар од Стандард Банката.
– Минатата година во Белград извор во Владата ми кажа дека Обединетите Арапски Емирати бараат извор на оружје кое ќе го дистрибуираат до нивните пријатели во регионот. Србија има голема воена индустрија и вишок на опрема, а на Блискиот Исток очигледно има побарувачка, додава Еш.
Во текстот на Донахју се додава дека ОАЕ се нашле на црната листа на Швајцарија, која забранила извоз на оружје во оваа земја откако швајцарски гранати биле најдени кај терористичките групи во Сирија, како и дека емирот Бин Зајед, покрај помагањето на вооружени групи низ регионот, работи и на создавање своја приватна армија составена главно од колумбиски платеници.
Од друга страна, Донахју цитира српски извори кои велат дека ефектот од арапските инвестиции во Србија погрешно и се претставува на јавноста. Конкретно, поранешниот советник во Министерството за економија Душан Павловиќ вели дека зделката за купување на 49 проценти од авиопревозникот ЈАТ од страна на Етихад Ервејз, за 40 милиони евра, всушност претставува кредит кој е под гаранција на српската држава. Доколку компанијата, сега позната како Ер Србија, повторно се соочи со проблеми, српските даночни обврзници би биле задолжени да ги вратат парите.
Србија ги крие деталите од договорот со Етихад како деловна тајна. За Белград на Вода, гласно најавуваната инвестиција од неколку милијари за изградба на огромен станбен и деловен комплекс во Белград, Павловиќ вели дека се работи за целосна бесмислица и дека во осиромашениот српски главен град не постои пазар за луксузни станови. Во заднината на сите овие зделки, според Донахју, стои контроверзниот Палестинец Мохамед Дахлан.
Овој поранешен висок командант на организацијата Фатах во Газа е во бегство откако во 2007 година ја губи борбата со ривалската организација Хамас која успева да го прикаже како про-американски, па дури и про-израелски командант. Дахлан е во немилост и во другата палестинска област, Западниот Брег, каде дури беше обвинуван и дека го труел водачот Јасер Арафат. За Дахлан се смета дека сега е безбедносен советник на емиратскиот престолонаследник Мохамед бин Зајед, како и дека служи како негов финансиски оперативец, за разни сомнителни проекти низ Источна Европа.
Донахју тврди дека Дахлан има црногорско државјанство од 2012 година, кое го добил поради обезбедувањето на повеќе инвестиции во Црна Гора, за перење пари кои ги добил од арапските држави како висок палестински командант. Донахју вели дека зделките на Дахлан во Црна Гора се одвиваат преку компанијата Левант, за развој на недвижности, а наводно добил и заем вреден 13 милиони евра од компании поврзани со семејството Ѓукановиќ.
Според Донахју, Дахлан сега се обидува бизнисот да го прошири и во Србија, а и самиот Ѓукановиќ помогнал во тоа, советувајќи ги емиратските власти дека нивната успешна деловна соработка можат да ја пренесат и во Србија.
Во април минатата година, српскиот претседател Томислав Николиќ дури го одликуваше Дахлан со орден за развој на односите меѓу Србија и Обединетите Арапски Емирати. По приклонувањето на турската политика кон палестинската организација Хамас, Донахју опишува пренесување на блискоисточното ривалство и на Балканот, каде тврди дека инвестициите на Емиратите одат токму преку командант познат по својата борба против Хамас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хорор куќа на Балканот која ги „убила“ сите сопственици
-
Невреме над Балканот, девојче загина од удар на гром
-
Возачите на Балканот во паника: Пристига новиот радар со кој полицијата ќе може освен брзината, да детектира и дали зборувате на телефон!
-
Џабе работи, џабе не седи: Во Луксембург за еден час се заработува колку на Балканот за цел ден


