
Годишен бруто приход од 60.000 евра може да се оствари доколку работите како келнер во Австрија. Професијата келнер е добро платена работа во оваа држава, покажала анализата на една консалтинг компанија за персонал, според која, покрај редовните примања понекогаш од бакшиш келнерите заработуваат и дополнителни 100 евра дневно.
Келнерите во гастрономските објекти како хотели, ресторани, барови и кафулиња се задолжени за услужување и советување на клиентите по прашањата за избор на јадење, пијалок, потоа примање нарачки, сервирање и наплата.
За оваа професија се квалификувани лицата кои завршиле занаетска или стручна гастрономска школа.
Примањата на еден келнер обично изнесуваат под 20.000 евра бруто износ на годишно ниво. Секоја австриска покраина, меѓутоа, има свои посебни услови, кога станува збор за овие договори.
Во виенските кафулиња и хотели, келнерите имаат фиксни месечни примања, како и во Долна и Горна Австрија и во Бургенланд. Во виенските ресторани, платите зависат од прометот, при што постои договор за загарантиран минималец. Во Салцбург, Тирол и Форарлберг постои можност за бирање меѓу овие два системи.
Покрај редовните месечни примања, голема улога, секако, игра и бакшижот – се проценува дека изнесува од 20 до 30 евра во денови со помал промет, а во подобри денови меѓу 50 и 70 евра, а во некои случаи и над 100 евра.
Проценка е дека се работи за многу добро платена работа, со оглед на тоа што бакшижот може да ги дуплира примањата на годишно ниво, така што келнерите можат да остварат годишни приходи и до 60.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


