
Најмногу леб и зеленчук, најмалку месо и риба. Вака изгледа трпезата во Македонија. Државната Статистика пресметала дека просечно еден човек на ден консумира по 200 грама леб и уште 110 грама други житарки, речиси 300 грама зеленчук и 130 грама овошје. Потрошувачката на месо и сувомеснато е 94 грама, на риба 14 грама, на млеко и преработки 190 грама, а по едно јајце во просек се јаде секој втор ден.
Овие податоци се совпаѓаат и со одговорите што ги добивме од граѓаните.
-Сувомеснато за доручек, за вечера, за ручек месо во манџа
-Ретко, на две недели јадеме месо.
-Мешано, еднаш неделно риба
-Месо минимално користиме, особено во летниот период, во зима повеќе – велат граѓаните.
Статистичарите, пак, пресметале и дека дневно еден Македонец јаде по 20 грама чоколади и кекси, а пие по 180 милилитри сокови. Не се троши ни многу алкохол – просечно по 2 милилитри жестоки пијалаци, 4 вино и речиси 30 милилитри пиво.
Потрошувачката на цигари паѓа постојано– пред три години еден Македонец пушел по 2.4 на ден, а лани по 1.6.
Заводот за статистика изработува детална анализа на годишната потрошувачка на домаќинствата, но веќе три години ја пресметува месечната потрошувачка кошничка.
„Престанавме да ја пресметуваме бидејќи погрешно се толкуваше. Нашата методологија не покажуваше колку едно домаќинство треба да троши туку колку растот на цените на храната и на пијалаците влијае на семејниот буџет“ изјавија за Алфа од Државниот завод за статистика.
Единствено Синдикатот прави ваква анализа. Според нив, на едно домаќинство за да го протурка месецот јули му биле потребни 32.083 денари. Најмногу или 42% од парите одат на храна и пијалаци, 32% на кирии и сметки, 6% на облека и само 3% на култура.
Извор: АЛФА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


