| четврток, 6 декември 2018 |

Фени ја зголеми предноста пред вечните ривали

Дебитантот во Капитал банка Суперлигата, АБА Струмица, неочекувано, го совлада фаворитот МЗТ Скопје со 75:72 во воведното коло од втората фаза во кошаркарското првенство. Натпреварот почна со задоцнување од 20 минути поради присуството на 30 гостински навивачи кои пристигнале во Струмица во сопствена режија.

Јунак на средбата беше центарот на АБА, Џон Чепел кој постигна 18 поени а притоа во одбраната не им дозволи на гостинските играчи да се приближат до рекетот. Неговите шест блокади предизвикаа ерупција во салата “Парк” во Струмица.
Слично како неговиот вечен ривал и Работнички неочекувано загуби од Торус во “Градски парк”, дури по продолжението од пет минути со 87:89.
Мечот можеше да биде решен уште во регуларниот дел, но гостите му дозволија на Работнички со серија од 5:0 да се избори за дополнителни пет минути. Српскиот центар Немања Јелесиевиќ постигна 20 поени и 10 скокопви за Торус, а Бојан Трајковски додаде 24 коша. Кај домашните најефикасен беше Ефтим Богоев со 26, Перо Блажевски уфрли 22, а Тони Симиќ 20.
Шампионот Фени Индустри се намачи против Лирија и едвај стигна до победата од 93:88. Војдан Стојановски беше херој на Фени откако уфрли 33 поени, а кај поразениот тим се истакна Карлос Морбан со 24 коша.
Во плејаут лигата, Овче Поле го декласираше Ултимејт баскет со 96:52, а Куманово 2009 беше слободно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top