Во сабота во Охрид ќе се плива традиционалниот Охридски пливачки маратон кој се наоѓа на календарот на светската пливачка федерација (ФИНА) во натпреварите на маратонско пливање.
Најдобриот македонски маратонски пливач Томи Стефановски ќе учествува на овој маратон што се плива на патеката Климе Савин од Свети Наум до Охрид со должина од 30 километри.
Оваа година во календарот на ФИНА во светскиот куп се наоѓаат седум маратони. По пет испливани маратони Томи Стефановски се наоѓа на првото место со 46 бода, пет повеќе од Французинот Хедел и седум пред Канаѓанецот Дешарнаис. Стефановски има големи шанси оваа сезона да ја заврши како најдобар маратонец во светот.
До крајот на сезоната остануваат уште два, во Охрид и тој во Капри. Во случај на победа во Охрид, Стефановски со сигурност ќе го задржи првото место и ќе биде на чекор од најголемиот успех на маратонското пливање во Македонија.
– Конкуренцијата е огромна. Во Охрид ќе пливаат фантастични маратонци кои се наоѓаат на првите десет места на светската ранг листа. Тука е пријавен и четвртиот од последното европско првенство во маратонско пливање Италијанецот Ванели.Напорно се подготвувам и сум во одлична форма. Тоа до докажав и последните два маратони пливани во Канада каде ги освоив првото и седмото место – изјави Томи Стефановски.
По враќањето од Канада на почетокот од месецот продолжи со тренинзите во базенот на СЦ „Борис Трајковски“.
– Се вратив од Канада и без поголем одмор продолжив со тренинзите во базенот во Карпош заедно со останатите македонски учесници на Охридскиот маратон, Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски. Секој ден пливавме по миниум 20 километри наутро и попладне. Добро е што Поп Ацев се враќа во препознатливата форма и е вистински спаринг партнер за тренинг. Во Охрид ќе одам утре и ќе направам неколку лесни тренинзи за да го осетам езерото, да ја почуствувам водата и психички да се подготвам – додаде Стефановски.
– Очигледно сите сакаат да пливаат на маратонот во Охрид. Условите се одлични и температурата на водата е идеална. Конкуренцијата е најголема бидејќи првите десет пливачи од светската ранг листа имаат шанси да бидат први во светот. Остануваат уште два маратона до крај. Притисокот е секогаш присутен, но доволно сум искусен имам 43 години и многу маратони зад мене. Ќе испливам најдобро што можам и се надевам дека на крај ќе се радувам на победата – заврши Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




