Медицинскиот експерт Ерих Ридерер изјави дека поранешниот шампион во Формула 1 Михаел Шумахер ќе остане инвалид до крајот на својот живот.
Тоа е последица на несреќата која германскиот возач ја доживеа на 29-ти декември минатата година за време на скијање поради која беше во кома до 16-ти јуни оваа година.
Откако Шумахер се разбуди од кома, многу експерти изјавуваа дека неговото опоравување нема да биде онака како што многумина очекуваат. За жал, тоа го потврди и специјалистот за неврологија Ерих Ридерер.
-Ќе остане инвалид до крајот на животот, ќе биде зависен од други луѓе, прецизно изјавил Ридерер, кој притоа додал дека Германецот има трајни оштетувања и дека ќе биде голем успех доколку за три месеци ќе може сам да седи, а за шест да управува со електрична инвалидска количка.
Медицинските експерти тврдат дека само еден од десет пациенти, кои по толку месеци се разбудиле од кома, успеале да се опорават целосно или делумно да ги вратат менталните и физичките капацитети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.