| четврток, 6 декември 2018 |

САД: Мала банка со големо срце

Одземањето на куќи и станови поради неможност за редовно плаќање на кредитите во последните две години е во големо опаѓање. Сепак и сега повеќе илјадници Американци секој месец го губат покривот над главата бидејќи не се во состојба на време и секој месец да ги плаќаат ратите од кредитите. Тоа се уште е една од крупните последици од економската рецесија и недоволно брзото економско зајакнување на САД.

Банките и кредитно-финансиските компании кои дадоа кредити за купување на куќи и станови се ригорозни кога се работи за доцнење во отплата на ратите и во многу случаи покренуваат процедура за одземање на куќата или станот и продажба на друг купувач.

Притоа финансиски губат, но секако многу помалку. Ретки, многу ретки се примери кај банките и кредитните компании кои се обидуваат и на должниците од тој вид успеваат да им ги намалат неволите и да им овозможат поповолни услови за отплата. Еден од тие ретки примери е Fith Third Bank , мала банка со големо срце, како што велат нејзините должници.

Од 2007 година до сега над пет милиони американски семејства останаа без покрив над глава поради неуредни или целосно неплатени рати на станбените кредити. И на Катрин Холмс тоа лесно можело да се случи. Неколку недели по купувањето на куќа останала без работа.

– Во Fith Third Bank можеа да кажат напуштете ја куќата, но не ми ја одземаа. Бев подготвена на најлошото, но не морав да се справам со најлошото – вели таа.

Случајот на Катрин Холмс е еден од успешните примери на одлуките на менаџментот на Fith Third Bank, со вработување на специјалисти за проблеми при вработување, да помогне да најде работа за отпуштените должници на станбени кредити. Со помош на банката Катрин Холмс набрзо нашла работа и продолжила редовно да го плаќа кредитот. Лари Магнесен, претставник на банката истакнува:

– Губењето на домот е голема неволја за секое семејство. Не е добро ни за кредиторите, бидејќи и тие губат значаен дел од парите во тој процес. На банките не им требаат тие домови, тие се деловен товар. Ова што ние се обидуваме е добро решение за двете страни.

И Рандал Џексон по губењето на работа можел да остане без покрив над главата. Последно што очекувал е помош од Fith Third Bank во наоѓање на друго работно место.

– Бев шокиран кога Банката ми понуди да учествувам во нејзината програма за вработување. Прифатив и тоа е една од моите најдобри одлуки.

Програмата за долгорочно вработување на Fith Third Bank трае 16 недели. Накусо, тоа е анализа на реални можности и подготовка за она најизгледното. Партнер на банката во таа програма е Next job, чиј извршен директор Џон Кортни вели:

– Првиот дел од програмата е да се помогне да се врати самодовербата на луѓето кои останале без работа. Другиот дел е анализа на сите нивни можности и претходни работни искуства. Третиот дел е да ги подготват за аплицирање, интервјуа, па и одреден вид само-рекламирање во разговор со потенцијален работодавец.

Банките, кредитните и финансиските фирми со несоодветната деловна и кредитна политика значајно придонесоа за создавање на неповолни околности кои резултираа со пад на САД во економската рецесија. И мораа да бидат дел од решението за економско зајакнување – истакна господин Магнесен:

– Имаше многу големи финансиски малверзации и лесно давање на кредити, а тоа пред десет години не внесе во криза. И најмалку што сега можеме е на многу Американци да им пружиме рака полесно да ги надминат проблемите. Програмата за повторно долгорочно вработување на должниците на станбените кредити на Fith Third Bank кои останаа без работа е успешна во 40 отсто случаи. На ниво на САД процентот на повторно долгорочно вработување е 11 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top