Филипините денеска упатија протестна нота до Кина во која го осудуваат влегувањето на два големи кинески брода во морските води што припаѓаат на Филипините. Протестот го најави вчера претседателот Бенињо Акино, кој во телевизиска емисија соопшти дека кинески бродови пловеле на 144 километри од брегот на островот Палаван и не ги почитувале предупредувањата да ги напуштат филипинските води.
Според официјална Манила, кинеското навлегување во водите кои, во најмала рака се сеуште спорни, претставува уште еден обид на Кина да ја покаже својата намера за комплетно поседување на територијата на Јужното Кинеско Море, иако Пекинг само пред десет дена соопшти дека во ова море владее “статус кво’’ и дека ќе се залага за билатерално решавање на споровите околу сувереноста.
Иако овој пат е избегнат инцидент, филипинските медиуми потсетуваат на неколку случаи од блиското минато во кои за заштите на филипински бродови интервенирале филипинската воена морнарица и авијација. Најтежок инцидент се случил во март 2011 година, кога кинески воени бродови со сила ги натерале да се повлечат филипински и британски бродови кои во истата област каде што се случил последниот инцидент, филипинците ги испитувале резервите на нафта и гас под морското дно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


