| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓи Јанчевски: За банките отписот на долгови е чиста математика

ѓорѓи

– Мерката отпис на долгови е наменета за социјално ранливите категории граѓани и има за цел да го олесни финансискиот товар, настанат по повеќе основи, како што се неплатени трошоци за користење електрична и топлинска енергија, радиодифузна такса, отплати на потрошувачки кредити, кредитни картички и пречекорувања на трансакциски сметки, како и административни и судски трошоци поврзани со нив. Станува збор за финансиски товар што во најголем дел потекнува од претходни години и се таложи и мултиплицира, а кој одредени категории на граѓани поради повеќе околности реално не можат да го поднесат – вели Ѓорги Јанчевски, претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка во интервју за Утрински весник.

Трите големи банки ја прифатија мерката на Владата за отпишување на долговите на социјално ранливите категории граѓани. Што ќе значи оваа мерка за банкарскиот сектор, дали е направена анализа за тоа како ќе влијае таа, позитивно или негативно врз вашето работење?

Банките се одзваа на повикот на Владата, така што очекувам дека тој ќе има позитивни ефекти за категориите на граѓани за кои е наменет. Во однос на целиот банкарски сектор тешко е да се процени колкав е износот на тие долгови бидејќи не располагаме со податоци кои се граѓаните кои потпаѓаат под категориите за кои е применлив овој закон, за да може да се процени колкава е нивната кредитна изложеност на ниво на целиот банкарски сектор и каков ефект ќе има на финансиските резултати на секторот. Инаку, што се однесува до НЛБ Тутунска банка, првата процена е дека отписот по овој основ би изнесувал околу 370 илјади евра.
Инаку, отписот на ненаплативи побарувања е реална мерка која се презема постојано од банките кога по исцрпување на сите правни инструменти не постои можност да се наплати побарувањето, но во овој случај отписот на побарувања доби карактер на „социјална мерка“ која ќе ја преземе не само државата, туку и приватниот сектор.

Дали оваа мерка и покрај позитивните ефекти може да значи сигнал за дел од граѓаните да престанат да ги плаќаат обврските очекувајќи дека понатаму ќе им бидат простени?

Мерката не треба да биде разбрана на овој начин. Во самиот Закон се предвидени повеќе услови кои треба да бидат исполнети за граѓанинот да стекне право на отпис на својот долг, односно не е доволно само да покаже финансиска недисциплина. Условите во Законот се конципирани со цел да овозможат опфат само на оној сегмент од населението кое реално припаѓа во категорија „социјално ранливи“ и каде што е евидентно дека лицето не располага со имот или приходи од кои може да ги намирува своите долгови, по кој било од предвидените основи. Ова е еден од законите кои се носат кога државата спроведува долгорочни реформи и со закони со еднократна примена расчистува со товарот од минатото, во овој случај со наталожените финансиски проблеми на овие категории граѓани.

Дали на оној што сега ќе му биде отпишан долгот, во идно време ќе може да стане кредитобарател или ќе биде ставен на некоја банкарска интерна црна листа?

Одобрувањето на кредитна изложеност секогаш зависи од способноста на кредитобарателот да го поднесе товарот на бараната изложеност во периодот на отплата. Па така доколку финансиската состојба на кредитобарателот и капацитетот за кредитно оптоварување во иднина бидат подобрени, овие категории граѓани ќе можат да поднесуваат барање за кредит кое ќе биде разгледувано како и секое друго барање.

НЛБ Тутунска веќе пресмета дека очекува да отпише околу 370 илјади евра, државата ќе субвенционира само 10 отсто од вкупната сума на долгот, остатокот од 90 отсто ќе биде избришан од банките, компаниите. Може ли тоа да Ви ги наруши билансите?

Според досегашните пресметки, банката ќе се откаже од 370 илјади евра кредитна изложеност по основ на овој закон од кои 90 отсто ќе паднат на наш трошок, но со оглед дека станува збор за долгови кои се со статус нефункционални побарувања, банката веќе има направено резервации на сметка на добивките од претходни години, така што ова нема да биде финансиски удар за банката. Даночниот кредит од државата изнесува 10 отсто.

Дел од јавноста има впечаток дека оваа владина мерка едноставно ниту банките, ниту компаниите не можеа да ја одбијат?

За банките отписот на долговите е чиста математика. Секоја банка прави пресметка за која одлучува Надзорниот одбор на банката. Ние и онака имаме мали шанси да ги наплатиме овие средства, затоа што станува збор за граѓани кои немаат начин како да ги вратат парите што ни ги должат. Иако оваа мерка е политичка, таа има социјална димензија и банките, како општествено одговорни компании ја прифатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top