
Во дворот на семејството Наумовски во Охрид, проследено со биењето на илинденските камбани во мигот кога заминуваше првиот ден од август, почна големиот хепенинг посветен на големиот македонски уметник Вангел Наумовски. Настанот го организираше „Охридско лето“ во чест на двојниот јубилеј: деведесет години од раѓањето и шеесет години од првата изложба на Наумовски во Охрид. Пред отворањето на изложбата „Големото срце и ум на Вангел“ во семејната галерија „Охридска порта – Љубица“ непосредно до неговото ателје, со помош на видеоархивата, на присутните им беше презентирано неговото непроценливо дело со слика и со глас – преку платно.
Страсни колекционери на слики од Швајцарија, Германија, Австрија, Франција, САД, Аргентина и од неколку балкански земји, во своите колекции грижливо чуваат уникатни уметнички дела насликани од врвниот охридски и македонски уметник Вангел Наумовски. Сликите од овој истакнат и потврден ликовен виртуоз, кој македонската уметност ја прослави пред светската јавност, ги красат ѕидовите на домовите и на канцелариите на многу истакнати политичари, бизнисмени, познати лекари, јавни личности и љубители на уметноста на сите континенти.

Сепак, неговите најважни и најдраги дела од неговиот творечки опус, кои за него имале големо емотивно значење, се останати во Охрид и во Македонија, а по неговата смрт настрана од очите на јавноста, ги чуваат неговите потомци.
Одбележувањето на 60-годишнината од неговата прва самостојна изложба што се одржала во Охрид во 1954 година е главната причина поради која неговото семејство реши овие ексклузивни дела да ги собере на едно место и да ги изложи во рамки на изложбата „Големото срце и ум на Вангел“. На изложбата што е достапна за разгледување до крајот на летото се изложени делата: „Зачетокот на вечноста“, „На пределот на изворот“, „Вечно време“, „Велигденска ноќ“, „Зелена оаза“ како и уште 15-ина други ексклузивни слики со потписот на Вангел Наумовски.
– Дел од сликите што се изложени во галеријата биле дел од многу значајни и светски изложби. Тие биле изложувани заедно со дела на најсовремените сликари на 20 век. Се работи за семејни слики што се чуваат во рамки на потесното семејството и сите се со посвета. Тоа се дела што татко ми не сакал да ги отуѓи бидејќи му биле посебно драги нему, на мојата покојна мајка, мене или на моите сестри. Во рамки на изложбата во ателјето, каде што сликаше, се изложени 9 фотографи на негови архитектонски скулптури, кои беа дел од изложба во Рим – вели Рубенс Наумовски, син на Вангел.

Обемното творештво на Вангел Нумовски било изложувано на повеќе од 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и во странство.
– За мене највпечатлива е збирката на слики од Вангел што ја има Хрватскиот музеј на народна уметност. Таму има една прекрасна поставка од елитни платна, кои го имаат опфатено целиот период. Изложени се цртежи и слики од сите техники што ги работел. Имам сознанија за богати приватни колекции на негови слики во Швајцарија и во Германија, но и за поединечни слики во приватни домови во многу странски земји – вели неговиот син Рубенс.

Во педесеттите години Вангел Наумовски ја направил првата изложба по која дојде неговата западноевропска ренесанса преку изложби таму или неговите дела биле поставени во некои големи метрополи на западната цивилизација. Тој е единствениот од овие простори што имал лична преписка со големиот Салавадор Дали, кој се подготвувал да дојде на гости во Охрид. Самото тоа го прави фигура каква што ретко се наоѓа на нашиве простори.
– Вангел е сликар од бајките – рекол за него со восхит славниот Салвадор Дали среде Париз во 1970 година по посетата на неговата изложба.
Со одушевување беше проследен портретот на Вангел од новинарката и поетеса Гордана Михаилова – Бошњаковска, а бура од емоции предизвика документарниот филм на Кирил Темков, работен пред 40 години за тогашната втора програма на Телевизија Скопје, кој беше дочекан и испратен со аплауз.
– Прличевото мото: „И кога мене ќе ме нема тоа што го напишав остана и тоа ќе каже што сум и кој сум“, важи и за Вангел Наумовски. Тоа што Вангел го остави и направи и не само во трагите што ги направи во другите уметности, туку во неговите дела што се присутни во музеите, во каталозите, во големата книга од најголемиот европски уметнички критичар Ото Бихаљин – Мерин. Тој имаше полн живот и тој е човек што го остварил своето дело. Тој беше репрезент на духот на Охрид и на македонското сликарство и творештво. Никој што нешто значеше во земјата не пропушташе да дојде тука и мнозина молеа да земат слика и нешто од неговото творештво за да им остане – рече Кирил Темков.

„Илинденскиот хепенинг“ е, всушност, востановен токму од Вангел Наумовски во далечната 1987 година. Спроти 2 август, со години на истото место се случуваа настани во кои се испреплетуваа сликарството, поезијата и музиката. Делото на Вангел во сите сфери на уметноста се чини допрва ќе биде предмет на истражувања зашто во себе истовремено го содржи мигот и вонвременското. Во него пулсира и длабочината и синилото на небото и животот на природата. Присутните беа во можност да видат и негови дела во тридимензионална технологија.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 101. број на неделникот „Република“, 8.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


