| четврток, 6 декември 2018 |

Гробот на Александар не е во Амфиполис

Pasko Kuzman

Информациите за наодите кај Амфиполис укажуваат дека станува збор за големо археолошко откритие, смета археологот и поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.

„Сегашниве истражувања во локалитетот кај Амфиполис беа почнати минатата година и продолжија во текот на годинава при што се работеше на еден рид каде што беше откриена голема гробница карактеристична за кралската династија од времето на Античка Македонија“, вели Кузман за Утрински весник.

На пишувањата на грчките медиуми дека можеби станува збор за гробот на Александар Трети Македонски, Кузман вели дека за официјалната археологија е јасно дека големиот војсководец бил погребан во Египет, во Александрија, каде што доаѓале на поклонение и римските кралеви, но точната локација се’ уште не е позната. Иако, додава, се мисли дека гробот на Александар е на место каде што сега се наоѓа џамија која што никој жив не може да ја помести за да се потврдат таквите претпоставки. Инаку, постојат и други претпоставки, а една од тие е дека гробот се наоѓа на територијата од денешна Република Македонија, во јужниот дел, кај старите Пајонски гробишта, вели Кузман.

„Без оглед на сево ова, откритието кај Амфиполис е навистина значајно и медиумите и официјалната грчка политика секако дека можат да пишуваат и да зборуваат дека таму е гробот на Александар Велики. Впрочем, при секое ново откритие медиумите имаат право да нагаѓаат, како што тоа го прави и дневната политика“, вели Кузман. Инаку, археолозите уште минатата година тврдеа дека можеби станува збор за гроб каде што се закопани сопругата и синот на Александар Велики, Роксана и Александар 4, кој бил убиен со неговата мајка уште како дете.

„Јас само ќе додадам дека откритието бездруго е големо и значајно за археологијата, но ако сакаме да ги потенцираме резултатите, може само да се каже дека Амфиполис сепак се наоѓа во Македонија. Така што, со постојното откритие може да се радуваме сите. А, да се открие гробот на Александар Велики е исто како да се открие гробот на Исус. Тоа за целиот светот би било огромно откритие“, вели нашиот познат археолог и поранешен прв човек на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top