
Во Културно-информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Софија реализирани се повеќе проекти од сите дејности на културата, информираат од Министерството за култура.
Според информациите од КИЦ во Софија, годинашната програма, која е содржински богата и квалитетна, во првата половина од годината ја проследиле над 3.500 посетители, меѓу кои голем број претставници на странски амбасади во Софија, претставници на други културни центри во оваа метропола, но и странци што живеат и работат во Софија.
Од настаните кои досега се реализирани ќе ги споменеме концертите на дуото кларинети „Ѓоревски-Бакревски“, концертот за клавир и обоа на Кристина Светиева – Томе Атанасов, концертот на триото хармоники „АКОРДИОМ“, како и балетската претстава „Роболеро“ која се реализираше во авторство и кореографија на Искра Шукарова.
Се одржаа и изложби на македонските уметници Касиопеја Наумовска, Ридван Алити, Илија Кавкалески, Марина Лешкова и Атанас Атанасоски, а Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица се претстави со изложбата „50 години Струмичка ликовна колонија“. Од големо значење се и книжевните настани: промоцијата на деветте тома од пишаната оставнина на Павел Шатев, промоцијата на новата генерација македонски писатели, дводневната македонска книжевна визита, книжевниот портрет на академик Митко Маџунков, како и книжевната манифестација „Европската ноќ на литературата“.
До крајот на годината во КИЦ Софија ќе се реализира концерт на дуо „Кировски“, изложба на дела од „Меѓународното биенале на мала графика во Тетово“ во организација на Музејот на тетовскиот крај, изложбата „Мајка Тереза- икона на милосрдието“ во организација на НУ „Спомен куќа на мајка Тереза“, самостојната изложба на Тања Таневска, Ладислав Цветковски и заедничката изложба на Константин Качев и Синиша Кашавелски. Ќе бидат претставени и книжевни портрети и промоција на книги на Богомил Ѓузел и Лилјана Дирјан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


