Возрасните имаат родителска одговорност за младите луѓе и за тоа постои општеството, порача британскиот амбасадор во Република Македонија Чарлс Герет на денешната трибина „Менталното здравје на младите е важно“, која се одржува по повод Меѓународниот ден на младите, во организација на Националниот младински совет на Македонија.
Амбасадорот Герет нагласи дека инвестирањето во младите е главната мотивација на Британската амбасада за поддршката на проектот за Граѓанско образование за млади, кој проект амбасадата ќе го реализира со младинските совети на двете држави.
– Овој проект ќе ги донесе искуствата на британските младински организации кои ќе се споделат со членовите на македонскиот младински совет. Се надеваме дека ќе ги зајакнеме демократијата во Македонија и македонското општество преку негување на граѓанска и политичка едукација за млади и зголемување на свеста, добивање знаење и изградба на потенцијалот и ангажманот на младите луѓе во демократските процеси, истакна Герет.
Целта на овогодинашното одбележување е намалување на стигмата кое е поврзано со сите оние млади кои имаат некаков проблем со менталното здравје, затоа што многу често оние млади кои се соочуваат со вакви проблеми се етикетирани, а токму тоа всушност ги демотивира да побараат помош или поддршка.
На трибината се говореше за важноста за менталното здравје за младите, за состојбите на младите во Македонија, како и за иницијативите за подобрување на менталното здравје кај маргинализираните популации. Присутните, претежно млади, имаа можност преку дискусија да разговараат за своите проблеми со кои се справуваат.
Националниот совет за млади за одбележувањето на денот на младите ја започна и онлајн кампањата „Здружени Млади“, која има за цел зголемување на бројот на млади кои членуваат во младинска организација и поттикнување да основаат младинска организиција. Секој млад човек може да се приклучи со свој став преку социјалните мрежи кон „Здружени млади“, која цели да ги информира младите што можат да добијат ако се членови на младинска организација, како може индивидуално да ги надгради, но и поттикне колективно чувство на припаѓање кон млади како социјална група.
Меѓународниот ден на младите се одбележува секој 12 август. Неговото меѓународно одбележување започна во 1999-та година од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во Макекдонија се одбележуваат 115 години од смртта на Гоце Делчев
-
Борисов доаѓа денеска во Скопје на одбележувањето 75 години од депортацијата на македонските Евреи
-
Во Скопје, Битола и Штип се одбележуваат 75 години од холокаустот на македонските Евреи
-
Две години од настаните во кумановското Диво Насеље



