Ракометниот турнир во Струга е со голема традиција, а во новото издание што ќе стартува во среда ќе има ѕвездени моменти, со силни екипи и ракометари од светска класа.
Во градот бисер на крајбрежјето на охридското езеро за трофејот ќе играат македонскиот првак Металург, дрим-тимот на Вардар, францускиот Кретеј и гигантот Металопластика, рускиот Санкт Петербург и Азоти Пулави од Полска.
Екипите се силни, а посебна приказна се ракометните ѕвезди што ќе настапат во Струга. Кај Металург ќе ги гледаме извонредните Станиќ, Вугринец, Мојсоски, Миркулоски, Атман…, а Вардар ќе парира со екстра силните засилувања од калибарот на Штербик, Лацковиќ, Горбок, заедно со староседелците Дибиров, Карачиќ…
И Кретеј има со што да се пофали, а голем адут на голот на францускиот тим ќе биде македонскиот репрезентативец Борко Ристовски. Екстра квалитетни се и останатите ракометари од овој состав, а се издвојува босанскиот репрезентативец Торомановиќ, како и поранешниот член на Кил, Драгичевиќ, кој ќе игра за Металопластика. Свои адути имаат и Азоти и Санкт Петербург, што е гаранција за ѕвезден турнир во Струга. Силни состави и многу светски ѕвезди на едно место, па битката за трофејот ќе биде голема. Металург го брани, а главен конкурент ќе биде Вардар, заедно со Кретеј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


