| четврток, 6 декември 2018 |

Белорусија забрани увоз на добиток и месо од Македонија

овци

Mинистерството за земјоделство на Белорусија воведе привремена забрана за увоз на добиток од Македонија поради појавата на болеста син јазик.

Ова го јави белоруската приватна новинска агенција Белапан, повикувајќи се на соопштение на прес-службата на Министерството. Забраната се однесува на говеда, овци, кози, како и на диви животни кои се подложни на вирусот, но и месо од животните кои подлежат на забраната. Болеста син јазик е вирусна инфекција од која заболуваат преживарите, но не и луѓето.

Единствена штета може да имаат сточарите на кои ќе им биде намален приносот и евентуално бројноста на стадата. Според ветеринарите, со оваа болест опаѓа квалитетот на млекото и волната, но нема штета за луѓето.

Болеста се појави во целиот реон на беровското село Русиново и во Малешевијата. Во овие трла веќе е почната и дезинфекцијата со специјални хемикалии против комарци, крлежи, инсекти кои се најголеми преносители на оваа болест. За оваа болест кај овците, научниците сè уште не откриле лек и заболените грла ќе бидат уништени.

– Оваа болест се појавува првпат во Македонија. Нема простор за паника меѓу населението, бидејќи таа болест не се пренесува од животно на човек ниту од животно на животно. Единствен преносител на оваа болест кај овците е по „вертикала“, односно комарците од видот Culicoides – изјави неодамна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.

Инкубацијата на болеста кај овците трае од 8 до 10 дена. Болеста различно се манифестира кај различни видови животни, во најтешка форма се јавува кај овците, каде што предизвикува намалување на телесната тежина, намалување на млечноста, нарушување во растот на волната и можна смртност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top