„Во битката за освојување на градоначалничката фотелја во Скопје, која ја водат двете изедначени доминантни партии на Албанците во Македонија, на македонското малцинство во метрополата му нудат сѐ и сешто за привлекување на нивните гласови. Се ветуваат повеќе вонучилишни програми на мајчин, македонски јазик, како и поголема застапеност во сите органи на власта. Во игра се и именувањата на институциите и на улиците што се во надлежност на градот“. Вака некако би изгледале извештаите за локалните избори во Скопје по неколку изборни циклуси, доколку продолжи намалениот наталитет во земјава.
Не е толку далечно минато кога за превласт во Тетово ДУИ ветуваше сѐ и сешто за подобрување на квалитетот на животот на македонската заедница во општината, за потоа да се заборави и тоа што произлегува од Уставот- да се постави државното знаме за време на државните празнувања. Но и да се изостави македонскиот јазик од официјалната интернет-страница на општината, па дури и да се преименува, иако го носи официјалниот домен „gov“.
Ако случајот со пребројувањето и со консолидирањето на гласовите по етничка линија во Кичево беше феномен што ја подигна свесноста за значењето на бројчената превласт во некоја општина, што потоа се покажа како оправдан страв, ваквото несовесно однесување кон потомството ќе доведе набрзо во иста положба да се најдат и жителите на Скопје, како целина од десетина општини, потоа општината Чашка во срцето на Македонија, а следуваат и општините Долнени, Сопиште, Чучер-Сандево, па дури и Крушево и Зелениково. Но тие не се единствени.
Прашање е што се случува со „кодот“ за опстанокот на нацијата кај Македонците? За некој да не го злоупотреби овој текст како антиалбански или националистички, следува статистичка споредба на општина во која најголемите заедници се македонската и турската. Според пописот од 2002 година, процентуално населението во општината Карбинци во источна Македонија изнесува 80 проценти етнички Македонци и 20 проценти етнички Турци.
Но, статистички, од 1947 година, за првпат бројот на родени Македончиња е под 50 проценти. Споредбените бројки велат дека во низа од три години 2011/2012/2013 бројот на новородени етнички Македонци процентуално е во опаѓање со 53, односно 51, за последната година да изнесува само 35 проценти. Споредено, бројот на новородени етнички Турци е во постојан пораст. Процентуално, за истиот период табелата покажува 45, односно 49, со 61 процент новородени етнички Турци во 2013 година. Односно, општина во која во период од 11 години, 80-процентното население создава сѐ помалку потомство, за во 2013 година тоа да изнесува само 35 проценти од новородените деца, додека прирастот на заедницата што учествувала со 20 проценти од населението во општината пред 11 години, лани создала потомство од дури 61 процент од новородените деца. Притоа, се работи за општина во која условите за живот, економијата или инфраструктурата не се разликува според етничката припадност.
Скопје 2014
Дека ниту условите и инфраструктурата не се „виновници“ за намалената „проста репродукција“ покажуваат податоците од Скопје и од скопските општини. Ниту доселувањето во Скопје, преселбата на младите кон метрополата не помогна за Скопје минатата година да не ја заврши со „негатива“ кога е во прашање наталитетот.
Така, ако се земат бројот на родени и бројот на починати во Скопје, морталитетот води во однос на новородените. На починати 3.519 лица – скопјани во 2013 година, се родиле вкупно 3.423 бебиња – етнички Македончиња. Простата математиката вели 96 Македонци помалку во Скопје само во 2013 година. Разликата, пак, кај сограѓаните Албанци во Скопје лани е меѓу 2.372 и 665. Односно природниот прираст кај Албанците во Скопје е за 1.707 поголем наталитет од морталитет. Односно, само лани, соодносот меѓу Македонците и Албанците во Скопје се намалил за повеќе од 2.000 лица.
Сарај и Ѓорче Петров се соседни општини со приближна големина и бројност. Бројот на Македонци во Ѓорче Петров изнесува 35.000, додека бројот на Албанци во Сарај – 32.000. Резултатите во природниот прираст во 2012 година покажуваат дека во Ѓорче Петров биле родени 340 дечиња, додека во Сарај 650. Или, просто кажано, двојно повеќе. Трендот продолжува и годинава и низ другите скопски општини. Во првиот квартал годинава, најголем е наталитетот во Чаир и во Сарај со 104, односно 80 новороденчиња. Најслаб наталитет, пак, има во Карпош и во Кисела Вода со 69 и со 32 деца.
За волја на вистината (или статистиката) истите четири општини во Скопје доминираат и во една друга статистиката, што ја вади на површина поврзаноста на наталитетот со бројот на склучени бракови и разводи. Така процентот на разводи во Чаир и во Сарај изнесува девет проценти. Затоа, пак, во Карпош од 100, 38 бракови биле прекинати, додека во Кисела Вода тој процент изнесува 27.
Не е до економијата, до бракот е
За споредба, во регионот, кога е во прашање наталитетот и „кодот за опстанок“, како слични со нашите може да се земат статистичките податоци за Војводина и за Косово. Според пописот од 2011 година во двете држави, во старосната графа од 60 до 64 години, на Косово се регистрирани 53.000 жители. Во Војводина 140.000. Во графата од 0 до 4 години, пак, во Косово се запишани 150.000 деца, додека во Војводина 88.000. Односно, 140.000 Војвоѓани имаат 88.000 внуци, додека 53.000 баби и дедовци на Косово се радуваат на 150.000 внучиња. Или, уште поочигледно, 14 Војвоѓани одгледуваат девет внучиња, додека пет косовски баби и дедовци – 15 внучиња.
Ако некој и сака да прикаже дека кризата е виновна за падот на наталитетот, континуираниот пораст кај другите етнички заедници го покажуваат спротивното. И тука и во Војводина и во Косово. Во Македонија, во микрорегиони најголемите инвестициски бумови не придонесоа за бејбибум. Ако во Кавадарци сега се вели дека се вработија илјадници луѓе во неколкуте големи компании, бројот на новородени е најмал во последните пет години. Штип и Илинден, исто така, се општини каде што инвестициите донесоа економски преврат, но не и посакуван бејбибум. Наталитетот за четири години во Илинден е во рецесија за 20 проценти, додека во Штип, споредено со 1972- 2012 година, бројката на новородени е преполовена.
Но, затоа, пак, ако се погледне онаа друга статистика – за склучени бракови и за разводи – повторно се наоѓа релација иста како за скопските општини. Во последните 10 години бројот на склопени бракови опаднал за речиси три проценти. Бројот на разводи, пак, пораснал за повеќе од 45 проценти. Најмногу разводи има во Охрид – прекинати се 40 од секои 100 склучени бракови. Тој процент, пак, во Дебар е нула. Затоа, пак, разликата меѓу бројот на починати и бројот на родени во Охрид во првите три месеци од годинава е 36 во „полза“ на починатите. Затоа, пак, Дебар „пораснал“ за 30 нови жители.
Ако, пак, се погледне најголемата општина – Куманово со 110.000 жители, таму работата се менува со голема брзина. Во општината во која се сечат два стратегиски големи меѓународни коридори – 8 и 10, покрај природниот прираст, постојано има доселувања и иселувања. Така, на пример, доселени се 139 Македонци и 110 Албанци. Во истиот период се иселени 122 Македонци и 78 Албанци. Преселбите кон градовите најчести се од околните општини – „резервоари“, а за Куманово тоа се Старо Нагоричане и Липково. За споредба, повторно статистички, во Старо Нагоричане живеат 3.500 Македонци во сериозни години, додека Липково има младо население од 26.000 лица. Само за потсетување, Липково е општината во која лани се склучени 251 брак. Повеќе од 12 други општини заедно, меѓу кои и Старо Нагоричане со 28 нови склучени бракови.
Раѓањето веќе не е прашање, туку обврска
Доколку и оваа статистика не ја доловува „големата слика“ од иднината, можеби статистиката од гласовите дадени за албанските партии ќе ја запали светилката. Заедно во изборните единици 1, 2, 5 и 6, бројот на гласачи за албанските партии за осум години пораснал за околу 40.000. А според стапките на пораст на популацијата, со ваков тренд, наскоро сликата на политичката и на етничката карта на државата ќе биде изменета.
Наспроти тоа не може да застане ниту една мерка или стимулација. Ништо не може да го надомести тоа што поединецот би требало да го почувствува однатре. Ниедна телевизиска реклама или емисија не би можела туку-така да ги разбуди чувствата за одговорност кон иднината, кон човештвото, пред сѐ, за продолжување на својот вид. Но, тоа што е важно е да се разбуди свесноста за моментот што е историски близок и кус, а со долготрајни последици.
Во тој контекст, ги живееме тие 10 години во кои Македонците може да ја искористат бројчената предност на таканаречената фертилна база. Тоа се тие девојки-жени и момчиња-мажи родени во периодот од 1975 до 1987 година. Односно тие што имаат од 26 до 38 години, кои се во тие години кога треба да оформат семејства и да остварат потомство. По овие 10 години, со падот на наталитетот по 1987 година, рапидно ќе опаѓа и таа фертилна база. Ќе остане само популација што без потомство природно ќе исчезне. Ова е деценијата во која ќе се решава судбината на Битола, Делчево, Пробиштип, Ресен, Берово, Неготино, Свети Николе, Македонски Брод, Виница, Демир Хисар, Демир Капија…
Ако се земат предвид предизвиците пред Македонците, пред македонскиот народ, пред неговите оспорувани идентитетски прашања и воопшто прашањата за неговата посебност и припадност, ваквите тенденции воопшто не се за занемарување. Факт е дека полека, но сигурно македонскиот народ старее. Тоа, пак, го става на маса и прашањето кој ќе ја преземе одговорноста во иднина (а имајќи го предвид ќор-сокакот во преговорите во чијашто заднина се токму идентитетските прашања и прашањата за постоење на македонски народ), кога некои други народи повторно ќе решаваат за Македонците. Секако, имајќи ги предвид, пред сѐ, интересите на својата заедница. Наталитетот и прашањата поврзани со него не смее да се остават на одговорност ниту на политичките опции ниту на определени поединци. Тоа е одговорност што во себе, во кодот, го носи секој човек, припадник на една поширока заедница. Доколку, навистина, има чувство за одговорност и способност да решава за себе и за своите љубени. Да бидат свои на своето.
Наталитетот и смената на етничките карти во регионот
Рецесија во наталитетот не ја тресе само Македонија. За споредба, слична е состојбата во Србија и во Бугарија. Лани, на пример, од Бугарија во ЕУ се иселиле 22.000 лица, додека починале 104.000. Редени се 66.000 дечиња, но билансот во Бугарија во 2013 година е 60.000 жители помалку по сите основи.
Во Србија, пак, статистичарите го измериле процентот на тие што до 30 година воопшто не влегле во брак. Во целата држава 58 проценти мажи до 30 години не биле венчани, додека дури 37 проценти од Србинките останале моми. Состојбата е најдраматична во метрополата Белград. Таму дури 62 процента од момците до 30 години сѐ уште се на „грбот“ на родителите, додека 47 проценти од белграѓанките биле немажени.
Состојбата во БиХ во однос на смената на етничките карти е уште покомпликувана. За пример, во Сараево во 1971 година бројот на христијани изнесувал 51 процент; во 1981 година – 45 проценти; во 1991 година – 39 проценти; додека во 2013 година во Сараево како христијани се изјаснуваат само четири проценти од граѓаните.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст