Германците се актуелни светски шампиони по блескавиот триумф на мундијалот во Бразил што заврши пред петнаесетина дена, а до четвртата планетарна круна стигнаа без пораз, со две победи што особено ќе се паметат.
Триумфот против европските Бразилци, односно против Португалија на Кристијано Роналдо, со 4-0 во првиот натпревар во фазата по групи го најави триумфалниот поход на избраниците на Јоаким Лев, а завршницата, исто така, беше импресивна, со неверојатна победа од 7-1 против домаќинот Бразил и со триумф од 1-0 во финалето со Аргентина.
Германците одиграле многу возбудливи и неизвесни дуели на големите натпреварувања, а три од нив влегуваат во топ 5 изборот на најдраматични мечеви во историјата на фудбалот. Секако, се работи за неофицијален избор во кој има место за уште десетици одлични дуели што се паметат и што оставиле силен печат во светскиот фудбал.

Трилинг на Сушиќ, трилерот во Букурешт за Југославија
Неверојатно динамичен и возбудлив меч со многу пресврти и вкупно 10 гола одиграа Романија и Југославија во квалификациите за Светското првенство во 1978 година. Во Букурешт на 13 ноември 1977 година се очекуваше тврд меч со малку погодоци бидејќи влогот беше огромен и победникот остануваше во игра за пласман на мундијалот во Аргентина.
Пред полни трибини во главниот град на Романија, домаќините поведоа уште во втората минута по кардиналната грешка на Петар Борота, кој го бранеше голот на Југославија. Тогашниот чувар на мрежата на Партизан имаше лош ден и прими четири погодоци, но неговите соиграчи го извадија со дури шест гола на спротивната страна во мрежата на Думитру Морару. Блескаше Сафет Сушиќ, сегашниот селектор на БиХ, со хет-трик, а по еднаш беа прецизни Мужиниќ, Трифуновиќ и Филиповиќ.
Натпреварот изобилуваше со пресврти и со отворена игра, а Романија, и покрај предноста од 1-0 и 3-2, не успеа да победи и испадна од трката за пласман на СП во Аргентина. Истото ѝ се случи и на Југославија по поразот во уште еден дуел за паметење, тој во Белград против Шпанија. „Црвената фурија“ славеше со 1-0, а натпреварот остана запаметен по инцидентот во кој Хуанито беше удрен во главата со шише што долета од трибините. Шпанците отпатуваа на мундијалот, а за утеха на Романците и на Југословените им остана мечот во Букурешт, еден од најубавите во историјата на фудбалот.

Покерот на Еузебио ги скроти јунаците на Северна Кореја
Пантерот од Мозамбик со пасош и репрезентативен стаж за Португалија, Еузебио да Силва Фереира, постигна четири гола и спречи вистинска сензација на Северна Кореја во четврт-финалето на мундијалскиот турнир во Англија во 1966 година.
Севернокорејците веќе имаа направено голема сензација со елиминација на Италија по победата од 1-0 во фазата по групи, а по само 25 минути најавија ново фудбалско чудо. Против Португалија во четврт-финалето водеа со 3-0 по само една четвртина од натпреварот. Гледачите во Ливерпул на „Гудисон парк“ навиваа за аутсајдерот, а Пак Сеунг Зин, Ли Донг Вон и Јанг Сунг Кок со по еден погодок ги кренаа на нозе сите. На семафорот по 25 минути стоеше резултат, Северна Кореја – Португалија 3-0.
Фудбалската сензација, сепак, не се случи, најмногу благодарение на „бисерот“ на Португалија, Еузебио, кој постигна четири гола во серија, за комплетен пресврт, што го завери со петти погодок Хозе Аугусто. Фаворитот мина натаму и загуби во полуфиналето од Англија, а анонимните фудбалери од Северна Кореја станаа вистински хит.

Чудото од Берн ја запре моќната унгарска машинерија
Западна Германија загуби со неверојатни 8-3 во фазата по групи од Унгарија на мундијалот во 1954 година. Двете селекции дотуркаа до финалето, а нов меч меѓу тогашните велесили беше закажан во Берн, за титула, за место меѓу вечните фудбалски великани што освоиле светска круна.
Секако, апсолутен фаворит беше Унгарија, предводена од големите фудбалски ѕвезди Ференц Пушкаш, Нандор Хидекути и Золтан Цибор, и без пораз од 1950 година, односно со серија без неуспех цели четири години. Патем ја декласираа истата Западна Германија, само неколку дена претходно со пет гола разлика. На Унгарците им одеше од рака и самиот старт на финалниот меч кога за само 8 минути веќе водеа со 2-0 со головите на Пушкаш и на Цибор. Титулата веќе беше в џеб, прва историска за Унгарија, но така не мислат Германците, селекција што го играше своето прво финале.
Во следните 10 минути веќе беше 2-2, а Германците израмнија со головите на Макс Морлок и на Хелмут Ран. Финале за фудбалските сладокусци, со четири погодоци за само 18 минути. Унгарија, непоразена цели 48 месеци против Западна Германија која беше фудбалски изолирана без настап на претходниот мундијал во 1950 година и со малку натпревари на меѓународната сцена. Тоа не ги загрижуваше премногу избраниците на Јозеф Хербергер, трпеливо си ја чекаа својата шанса и ја дочекаа на шест минути до крајот на финалниот меч. Хелмут Ран повторно погоди и ја приреди, во тој поствоен период, најголемата спортска сензација. Германија е светски првак иако сите очекуваа тоа да биде Унгарија.
„Ова е ослободување од сиот товар што ѝ тежи на Германија по Втората светска војна. Берн и 4 јули во 1954 година е нов почеток за Германската Република“, напиша историчарот Јоаким Фест.

Германија претплатена на фудбалски драми
Повторно Германија беше учесник во еден од најдраматичните натпревари на сите времиња, но овој пат беше поразена. Од вечниот ривал Италија во дуел што подоцна медиумите го нарекоа меч на векот. Се одигра во Мексико Сити на 17 јуни 1970 година како полуфинален натпревар на СП во Мексико.
Регуларниот дел не ветуваше премногу возбудувања, а „аѕурите“ беа пред сигурна победа и по 90 минути. Водеа со голот на Роберто Бонисења во осмата минута, но Германците повторно покажаа зошто се една од најупорните и ментално најсилни фудбалски репрезентации. Во последната минута израмнија со голот на Карл Хајнц Шнелингер, фудбалер кој тогаш настапуваше во Италија, за Милан. Прекарот му беше Фолксваген поради издржливоста и физичката сила, а со голот само го најави најефикасното продолжение на мундијалите.
Во дополнителните 30 минути, или двапати по 15 минути, двете селекции имаа свои моменти, а предноста се менуваше. Герд Милер со гол по само 4 минути игра ѝ донесе водство на Германија од 2-1, а Бургнич и Рива повторно ја вратија Италија во позитива, овој пат од 3-2. Милер пак беше прецизен за 3-3, а голеадата заврши со погодокот на Ривера, со што Италија победи со 4-3 и се пласира во финалето. Таму Бразил ги декласира со 4-1, но полуфиналето во Мексико Сити се памети како една од најдобрите фудбалски претстави.

Францускиот шарм ги освои навивачите, Шумахер го победи Хитлер
Севилја беше местото каде што во 1982 година се одигра натпреварот што ги скрши и француските срца и ги растажи неутралните љубители на фудбалот. Германија повторно беше во центарот на вниманието и пак победи нивната неверојатна издржливост, умешност, психофизичка подготвеност. Тие ги минуваат и најтешките пречки, а токму таква беше Франција на стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ во Севилја на 8 јули 1982 година. Полуфинале на СП за паметење, нешто што не е секојдневие и што во фудбалскиот свет сè уште се прераскажува.
Историска конотација на дуелот му даде бруталниот старт на германскиот голман Харалд Тони Шумахер врз францускиот репрезентативец Патрик Батистон. Резултатот беше 1-1 во тој момент, а Шумахер со нога го покоси Батистон. Му скрши два заба, три ребра, а настрада и рамото. Патрик беше без свест повеќе од половина час, но судијата Чарлс Корвер од Холандија не санкционираше ништо. Не досуди ниту пенал за Франција, а Шумахер не доби ниту жолт картон иако заслужи исклучување. Франција како од инает одигра феноменално во продолжението, поведе со 3-1, но Германија не би била Германија ако се предаде и во навидум безизлезна позиција. Румениге и Фишер беа прецизни, а натпреварот по 120 минути заврши со резултат 3-3. Најомразениот фудбалски лик во тие моменти, Тони Шумахер, блескаше во пенал-серијата и ги одбрани ударите на Дидие Сикс и на Максим Босис, по што Германија се пласираше во големото финале.
Француските медиуми веднаш направија анкета во која голманот Шумахер испадна најомразена личност, убедливо победувајќи го и Адолф Хитлер. Мала утеха за Французите беше победата на Италија против Германија во финалето со 3-1.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


