| четврток, 6 декември 2018 |

Една година, една акција, илјадници благодарни семејства

Овој август се заокружува првата успешна година на акцијата со која добива секој и со која се задоволени основните потреби за домување на илјадници семејства. Во акцијата се вклучија и голем број познати личности, кои не само со апели, туку и со директно помогнаа да се донесе насмевка на многу лица, за кои надежта била одамна заборавена

Повеќе од 1.500 социјално загрозени семејства добија нова надеж и непроценлива помош преку акцијата на Министерството за труд и социјална политика, „Се грижиме за топол дом“. Веќе цела година, една од најуспешнореализираните акции во земјава им ги обезбедува најосновните потреби од мебел, бела техника, електрични апарати, апарати за домаќинство, опрема за деца, велосипеди и друго на тие што не можат да си ги дозволат, за да имаат нормална, макар и скромна, но чиста и удобна живејачка.

„Се грижиме за топол дом“ работи на принципот на донации. Граѓаните кои немаат потреба од некој стар, но сѐ уште употреблив и здрав мебел или апарат, можат да го подарат на некој што знае да го цени. Министерството во соработка со општините, Град Скопје и општините во Скопје, Црвениот крст на Град Скопје и Црвениот крст на Република Македонија, потоа им ги предава предметите на семејствата што веќе пријавиле дека имаат потреба од ваква помош.

Убаво е напишано и во називот на акцијата, бидејќи на овој начин, навистина, некому му обезбедувате топол дом.

Дека Македонците знаат, умеат и сакаат да бидат солидарни, потврдуваат и досегашните резултати.

– Досега се предадени донации на повеќе од 1.500 семејства, а се при­јавени околу 5.000 семејства на кои секој ден сѐ уште им се донираат работи. Акцијата се спроведува два до трипати неделно, односно се донираат повеќе од 15 работи (мебел и бела техника) на неделно ниво. Кон акцијата се приклучија голем број фирми за мебел и за бела техника, кои донираа работи – вели портпаролот на министерството Марјан Гијовски.

Сепак, бројот на тие што имаат потреба е многу поголем од тој на граѓаните што нудат рака за помош. Тоа што за некого е вишок, за некого значи неопходност. Но, не смее да се потценува. Треба да се донираат работи што сѐ уште можат да се употребуваат.

– Граѓаните треба да донираат употребуван или нов мебел и бела техника, кои, секако, се функционални и сочувани. Нивната донација ќе биде подигната од нивниот дом и веднаш однесена во домот на барателот на истата донација – апелира Гијовски.

Оваа хумана акција ќе продолжи со истото темпо. Граѓаните на Република Македонија што имаат вишок работи што би сакале да ги донираат на социјално загрозени семејства можат да се јават на бесплатниот број 0800 55 800, на e-адресата [email protected], отворена за проектот на која ќе можат да доставуваат и слики или лично во просториите на локално надлежниот Центар за социјална работа, Црвениот крст на Град Скопје или Црвениот крст на Република Македонија. На истото место може да се обратат и тие на кои помошта им е потребна.

 

Виолета Томовска, „Некст тајм“,  Драгана Чуприна, Пане Баскерфест, Ирена Спасовска, Атанас Николовски, се само дел од познатите личности што подадоа рака. Непроценлива и несебична поддршка доаѓа и од македонските пејачки Андријана Јаневска и Викторија Лоба, маестро Зоран Џорлев, водителот Димитар Атанасовски и Влатко Лозаноски – Лозано.

„Ова што се прави е за симнување капа. Го кажувам тоа бидејќи се движам меѓу народот и гледам што се случува. Донирав и повторно ќе донирам затоа што овие акции се многу значајни за луѓето на кои им е потребна помош. Не е срамота некој ако има да му даде на некој што нема, меѓутоа, не да му го даде, извинете, ѓубрето, туку ако има две работи од кои едната непотребно ја чува во подрум или гаража зошто да не му ја даде на некој што не може да ја купи. Нема што да држам лекции сега, само ќе кажам дека и самиот сум дел од оваа акција и ќе продолжам да бидам, посебно затоа што се работи за најранливата категорија“, Зоран Џорлев.

„Прво морам да признаам дека бев изненаден од акцијата што е наменета за поттикнување на хуманата страна на сите граѓани. Затоа решив и јас да се приклучам. Ова е акција за поздрав, која треба да се поддржи масовно, од проста причина што правиме добро дело, помагаме на социјално загрозените семејства и на тој начин ја нагласуваме најдобрата човекова доблест – хуманоста. Јас донирав заедно со сите што донираа до сега, а се надевам дека оваа бројка ќе се зголемува константно и дека сите заедно ќе придонесеме за подобра средина“, Димитар Атанасовски.

„ За акцијата ’Топол дом‘ дознав преку медиумите. Со задоволство се приклучувам кон секоја хуманитарна акција затоа што хуманоста е активен однос кон човековите вредности. Многумина мислат дека со тоа што помагаат, всушност, одмагаат создавајќи зависност на послабиот кон тој што помага, но, всушност, не е така. Хуманоста значи почитување на личноста на секое човечко битие. Само на тој начин можеме да се стремиме кон здраво општество и здрава социјална средина“, Андријана Јаневска.

„Треба да се поддржуваат такви кампањи, кога треба некому да се помага мора да бидеме солидарни и хумани пред сѐ. Секогаш сум тука за хуманитарни акции, лично ја поддржав ’Се грижиме за топол дом‘. Ги повикувам сите, не само јавните личности, туку и тие што можат, да ја поддржат и, најважно, да се вклучат во акцијата“, Влатко Лозаноски – Лозано.

„Акцијата е одлично решение за тие на кои им е потребно, но и за сите што на минимален начин можат и сакаат да помогнат. Ја поддржувам максимално, мислам дека е одлична идеја, која би требало да трае долго“, Викторија Лоба.

 

(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top