| четврток, 6 декември 2018 |

Дали Македонија може да профитира од руското ембраго кон ЕУ?

домати

Зелка, краставици, компир, кромид, јаболка, грозје се само дел од производите од земјава кои Македонија може да ги понуди на рускиот пазар, пишува Дневник.

За овие и други земјоделски производи многу скоро ќе има голема побарувачка во Русија, откако тамошната влада завчера го забрани увозот на храна од земјите од ЕУ, САД, Kанада, Австралија и Норвешка како одговор на наметнатите санкции од овие земји.
Повеќето македонски стопанственици и земјоделци се со генерален став – земјава мора да го искористи моментот и да најде начин како да се пласираат нашите производи на тамошниот пазар во што поголеми количества.
Од искуството од минатите години, на рускиот пазар можеме да му понудиме повеќе зеленчук отколку овошје, имајќи предвид дека поголем дел од извозните производи се градинарски. Најчесто остануваат неоткупени поголеми количества зелка, домати, јаболка. Сепак, земјоделците велат дека треба да се почека да заврши есенската берба за да може да се види колкави ќе бидат вишоците и количествата што можеме да  и ги понудиме на Русија.

Високи царини со Русија

Руската влада веќе почна преговори со неколку земји да ги зголемат количествата на извезената храна, при што особено смета на Турција и неколку земји од Латинска Америка како што се Еквадор, Чиле, Бразил и Аргентина. За македонските стопанственици преговорите се знак дека и ние треба да се обидеме да земеме дел од колачот и повеќе да се наметнеме на тамошниот пазар. Во Стопанската комора на Македонија (СKМ) сметаат дека нашите земјоделци може дел од производството да го пласираат на рускиот пазар, но не директно, туку преку Србија.
– Со Русија имаме високи царини и нашето производство ќе биде неконкурентно поради тоа. Но, ако се извезува преку друга држава, секако дека постои можност нашите производи да се најдат на овој пазар. Можеби треба да се почне да се размислува и за потпишување некаков договор за трговија, кој на извозниците би им ги олеснил царинските давачки – вели Васко Ристовски од Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при СKМ.
Во Македoнско-руската стопанска комора деновиве очекуваат засилена комуникација со руските партнери. Од Kомората велат дека веќе стапиле во контакт со руските стопанственици и ги информирале дека може да ги контактираат нашите бизнисмени за конкретна соработка. Во исто време, на домашните стопанственици им испратиле листа со продуктите што се ставени под ембарго во Русија, за да знаат што ќе недостига на рускиот пазар во следниот период. Пред се, станува збор за овошје, зеленчук, млечни и месни производи.
– Kога пред неколку години имаше санкции за увоз на вино во Русија од Грузија и Молдавија, македонските винарници ја почувствуваа таа можност и ја искористија. Тоа помогна сега да има зголемен извоз на вино од земјава во Русија, кој расте од година на година. Искрено се надевам дека и овој пат вистински заинтересираните компании ќе ја препознаат оваа шанса која во моментот се нуди. Имено, очекувам да се јави зголемена потреба од нашите производи, а тоа секако ќе претставува можност за зголемување на извозот – вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
Земјоделците сметаат дека Македонија има квалитет, но и вишок производи кои може да го најдат својот пат до руските трпези.
– Далеку се познати македонските праски, трпезното грозје, јаболката, но и доматите и пиперките. Останува на трговците да најдат можност вишокот кој останува да го пласираат на овој милионски пазар – вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделците.
Сличен е и ставот на Сојузот на земјоделците на Македонија. За нив ова е ретка можност која треба максимално да се искористи.
– Свесни сме дека тоа е голем пазар и дека нашето производство е минимално, но сепак станува збор за бизнис прилика која не смее да се пропушти- велат во Сојузот.
Земјоделците од Росоман, каде што во ек е сезоната на берба, не сакаат да ги коментираат плановите поради договорите кои ги потпишуваат со откупните центри.

ЕУ губи 13,7 милијарди долари

Освен за земјоделски производи, едногодишната руска забрана за увоз се однесува и на млеко и млечни производи, месо, риба, морски плодови и маслодајни продукти. Аналитичарите предвидуваат дека рускиот контраудар на наметнатите санкции најмногу ќе ја погоди економијата во земјите од ЕУ. Најголеми финансиски штети од контраударот на Русија ќе претрпат Германија, Полска, САД и Холандија, кои се наоѓаат меѓу десетте најголеми извозници на храна во Русија. Статистиката покажува дека вкупниот извоз на храна од ЕУ во Русија вреди 13,7 милијарди долари, од кои од санкционираните земји најголем дел отпаѓа на Германија со 1,83 милијарди, Полска со 1,55 милијарда, САД со 1,54, како и Холандија и Франција со по 1,44 милијарда долари.
Лани од европските пазари на руската трпеза најмногу завршиле сирење, кајмак, свинско месо, алкохолни пијалаци, јаболка, круши и дуњи.

Се пресметуваат загубите

Руските контрасанкции ги загрижија моќните економии во ЕУ. Здруженијата на земјоделците од Финска и од Германија веќе почнаа да прават пресметки за можните загуби од забраната за увоз.
Така, Финската федерација на индустриите за храна и пијалаци соопшти дека Финска може да изгуби околу 400 милиони евра.
– Санкциите од Русија се многу лоша вест за нашата земја, имајќи предвид дека околу четвртина од финскиот извоз е насочен кон таа земја. Ситуацијата најмногу може да се одрази врз финансиската состојба на најголемиот фински производител на млечни производи „Валио“ – изјави директорот на Федерацијата, Хеики Јутинен за финските медиуми.
Слични стравувања изрази и Германската асоцијација на фармерите, чии претставници сметаат дека рускиот чекор може да предизвика зголемување на понудата на внатрешниот пазар на ЕУ, што од друга страна ќе резултира со дополнителен притисок на локалните производители.

Путин воведе санкции и кон Црна Гора

Русија воведе санкции и кон Црна Гора бидејќи земјата деновиве ја поддржа ЕУ во мерките за „дисциплинирање“ на руските власти. Министерството за надворешни работи и европски интеграција на Црна Гора најави дека „најверојатно ќе реагира“ во врска со руската забрана. Указот за одредени економски мерки што официјално завчера го потпиша рускиот претседател Владимир Путин, предвидува мерки како одговор на санкциите воведени кон Русија. Владата на Црна Гора претходно ги поддржа заклучоците на Советот на Европската Унија, со кои на 53 руски и украински државјани им е забранет влез во земјите на ЕУ и располагање со средства во членките на Унијата.

Македонски компании одат во Москва

Петнаесетина македонски компании од прехранбената индустрија следниот месец директно ќе им ги понудат своите производи на Русите. Нашите компании ќе учествуваат на најголемиот саем за овошје, зеленчук и прехранбени продукти „Мир Питание“ (Светот на храната) во Москва, каде што Македонија ќе има свој национален штанд.
– Се надеваме дека македонските компании ќе имаат можност на самото место да почувствуваат одредени придобивки околу побарувачката на нивните производи – вели Бешлиев од Македонско-руската стопанска комора, која заедно со Министерството за земјоделство ќе го организира националниот штанд на саемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top