
Фондот за здравствено осигурување на Македонија воведе две новини во своето работење. Едната се однесува на вештачкото оплодување, а втората новина е за иселениците.
Првата новина се однесува на измени во Правилникот за биомедицински потпомогнато оплодување (ин витро) со цел да се овозможи и олесни постапката за остварување на правото на осигурениците – брачни двојки што се лекуваат од стерилност.
Имено, со оваа измена, која влегува во сила по 16.8.2014 година, се овозможи осигуреничките што имаат ограничена оваријална резерва на јајчниците и отстапување од нормалните вредности на одредени хормони (FSH и anti-Mullerian хормон во серум), како и отстапуање од минималниот број антрални фоликули на јајчниците, првиот обид во постапката за БПО со сопствен репродуктивен материјал (јаце-клетки) да биде на товар на средствата на Фондот. Досега овие двојки имаа право на ин витро само со донаторски матерјал. Постапката за аплицирање останува иста, а за овие осигуренички ќе се овозможи право на ин витро со сопствени јајце-клетки доколку установата шт ја извршува постапката може да екстрахира јајце-клетки од осигуреничката.
Во период јануари- јули 2014 година во постапкита за БПО за прв обид за прво дете 650 двојки оствариле право, а за второ дете 100 двојки оствариле право на ин витро на товар на ФЗОМ.
Втората новина се однесува на владиниот проект „ Права на иселениците во здравствениот систем“.
Досега иселениците што оствариле право на пензија во странска држава, а кои имаат македонско државјанство при привремен или траен престој во Р.Македонија, плаќаа здравствен придонес со највисока стапка. Станува збор за 13 отсто од бруто-пензијата што ја добиваат во странската држава.
Поради високите пензии од странство и тоа во Австралија, Нов Зеланд, Америка и Канада и други земји, иселениците не сакаат да стапат во здравствено осигурување и плаќаат приватно здравствени услуги во здравствените установи во Р.Македонија. Досега во здравствено осигурување се пријавиле 105 лица, кои плаќат секој месец здравствено осигурување во просек од 10.000 денари, а највисоките придонеси се 13.560 денари.
Од оваа причина, Фондот за здравствено осигурување на Македонија ѝ предложи на Владата да се донесат измени и дополнувања во Законот за здравствено осигурување и во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кои на државјаните на Р.Македонија што примаат пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување со кој Република Македонија нема склучено (преземено) Договор за социјално осигурување или пак Република Македонија има склучено (преземено) Договор за социјално осигурување, но во него не е регулирана можноста за остварување на право на здравствено осигурување додека престојуваат на територијата на Републиката ќе им се даде олеснување во однос на висината на плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување, односно ќе се изедначат со осигурениците од членот 5 став 2 од Законот за здравствено осигурување, кои плаќаат придонес за здравствено осигурување на основица 100 насто од просечна плата односно околу 2.256,00 денари.
Очекуваните ефекти се стапување во здравствено осигурување на приближно 10.000 лица. Еднаквост на иселениците на Р.Македонија во делот на плаќањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување, кој ќе биде унифициран за сите иселеници и нема да биде во зависност од висината на пензијата и Еднаков третман на иселениците на Р.Македонија со осигурениците кои живеат на територијата на Р.Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


