| четврток, 6 декември 2018 |

Кевин Дурант нема да игра за САД на СП во Шпанија

Најдобриот кошаркар во американската репрезентација, Кевин Дурант нема да биде дел од тимот на претстојното Светско првенство што ќе се одржи во Шпанија.

Причината поради која ќе го пропушти првенството играчот на Оклахома Сити ја образложи со заморот од напорната сезона во НБА-лигата.

– Ова беше тешка одлука поради тоа што сум горд секогаш кога играм за мојата земја. На соиграчите им должам максимална ангажираност, но по тренинг-кампот увидов дека овојпат нема да можам максимално да се посветам на работите. Притоа ќе треба добро да се подготвам и за новата сезона во НБА-лигата – изјави Дурант, кој оваа сезона со својот тим играше во финалето на западната конференција.

Менаџерот на кошаркарската репрезентација на САД, Џери Коланџело, за одлуката на Дурант го информирал и селекторот Мајк Кжижевски.

САД, кои ја бранат титулата светски првак во првата фаза од Мундобаскетот во Шпанија (почнува на 30 август), се наоѓаат во групата Ц со селекциите на Доминиканска Република, Финска, Нов Зеланд, Турција и Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top