| четврток, 6 декември 2018 |

Кој доби, а кој е одбиен за музички субвенции?

Заврши вториот конкурс на Министерството за култура за субвенционирање на македонските музичари со цел стимулирање на популарната македонска музика. Македонската радио-телевизија ја објави листата за избор на изведувачи односно на нови композиции од вториот објавен квартален конкурс за 2014 година.

Ако во првот конкурс во категоријата ѕвезди, субвенции добија Есма и Владо Јаневски, овојпат тоа се композиторот Роберт Саздов од „Куку леле“ и пејачот Миле Кузмановски, кој, пак, беше одбиен на првиот конкурс. За пејачите од оваа категорија, финансиската поддршка од државата е најголема и изнесува 4.500 евра, 3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за видеоспот.

За афирмација на семејните вредности ќе пеат Елвир Мекиќ, кој се потпишува и како композитор, и Елена Петреска-Толеска, која во моментот го очекува своето прво дете.

На листата доминира познатиот автор Кристијан Габроски со дури четири примени композиции, а познатиот композитор Јован Јованов, пак, се потпишува зад една композиција во категоријата народна музика, како и поп-пејачот Ѓорги Крстевски.

Единствен „врвен изведувач“ од забавната музика на овој конкурс е Ламбе Албакоски, кој добива 3.000 евра, од кои 1.500 евра се за создавање на композицијата и за изработка на аудиозапис, а втората половина за видеоспот.

Целосната листа на изведувачи и композитори може да ја погледнете тука.

Меѓу одбиените се најде и фолк-пејачот Наум Петрески, додека, пак, неговата ќерка Анастасија се запиша меѓу „истакнатите изведувачи“ на народна музика.

Композицијата за која Тамара Тодевска се потпишува и како коавтор на музиката и како текстописец и изведувач не беше прифатена на вториот конкурс.

На овој конкур се одбиени и композициите што требаше да ги изведуваат Ѓоко Танески, Марко Маринковиќ-Слаткаристика, Влатко Илиевски, „Нокаут“, „ДНК“, Влатко Лозаноски-Лозано… Целосната листа на одбиените може да ја погледнете тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top