| четврток, 6 декември 2018 |

Светска банка со поддршка на Македонија од 36,4 милиони евра

Svetska-banka-520x271

Македонија денеска на сметката на Буџетот доби 36,4 милиони евра од заемот за развојни политики за конкурентност финансиран од Светска банка, соопшти Министерството за финансии.

– Република Македонија ги доби овие средства за успешно спроведување на реформите и развојните политики на Владата за подобрување на деловната клима и конкурентноста. Позначајни реформи поддржани со овој заем се: развојот на производство со висока додадена вредност преку привлекување инвестиции, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор, подобрувањето на ефикасноста на трговската размена со странство, поголема флексибилност на пазарот на труд и развој на вештини и иновации – се наведува во соопштението.

Овој заем е продолжение на Првиот програмски заем за развојни политики за конкурентност во износ од 38,7 милиони евра од 2013 година. Како што стои во соопштението, доделувањето и на втор заем е потврда за довербата на Светска банка во квалитетот на економските политики во Република Македонија.

Одржувањето на макроекономската стабилност и континуираното спроведување на реформски мерки од страна на Владата насочени кон зголемување на инвестициите, вработеноста и конкурентноста на македонската економија, додаваат, во континуитет се позитивно оценети од Светска банка што резултира со нивна финансиска поддршка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top